Властите во швајцарскиот регион долината Саас, кој е отсечен од патниот сообраќај поради невремето и лизгањето на земјиштето, во петокот понудија евакуација на туристите со хеликоптери.
Околу 2.200 туристи се блокирани во Састал, повеќето од нив Швајцарци, изјави портпаролот на регионалниот кризен тим.
Не брзаат сите да си заминат, рече тој. Туристите можат да летаат со хеликоптер, што трае само неколку минути од Саас-Фи до Сталден, за околу 150 евра.
Патот до долината беше затрупан во четврток во еден момент по обилните врнежи и се очекува најрано во недела повторно да биде прооден.
Извидувачкиот лет покажа дека е неопходно да се минираат гломазни парчиња карпи над патот, некои и по 100 кубни метри.
Кантонот Вале беше погоден од силно невреме кон крајот на јуни и почетокот на јули. Поплавите и одроните предизвикаа значителни штети на објекти и сообраќајни правци, инфраструктура и земјоделски површини.
Штетите од ова невреме беа ограничени и не беа уништени објекти.