ВИДЕО: Силен земјотрес во Грција, предупредување за цунами

Најмалку тројца се повредени во земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтер што утрово ја погоди јужна Грција, но засега нема информации за евентуални жртви. Најмногу штета има островот Закинтос, каде се оштетени пристаниште и манастир од 15 век.

Портпаролот на грчката служба за цивилна заштита, изјавил дека три лица биле пренесени во болница, од кои две биле со полесни повреди, пренесе Ројтерс.

Потресот беше почувствуван во Македонија, во Албанија, Малта, Италија и Либија.

Епицентарот е регистриран во Јонското море, околу 130 километри југозападно од Патрас на Пелопонез, на длабочина од 14 километри.

Грчкиот геодинамички институт објави дека земјотрес со јачина од 6,4 степени, регистриран во 01.54 по локално време, ја погоди областа околу 50 километри јужно од Закинтос, проследена со серија умерени земјотреси.

По силниот земјотрес во Грција, кој беше почувствуван и во Македонија и Албанија, издадена е и тревога за цунами на брегот на Средоземно море.

Според соопштението на Европскиот сеизмолошки центар, постои опасност од забрзано растење на висината на брановите и затоа од луѓето е побарано да останат подалеку од плажите.