Демонстрантите излегоа на улиците на главниот град Дамаск и на други места во Сирија, откако вооружени мажи запалија новогодишна елка во градот Ал-Сукајлабија, објави во вторникот германската агенција dpa.
Луѓето извикуваа слогани против секташкото насилство со цел да се дестабилизира општеството, објави Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон.
„Сите скандираа барајќи заштита на христијаните во Сирија“, рече Самер Елиас, кој се приклучил на протестот во Дамаск уште во понеделникот вечерта.
Безбедносен извор во провинцијата Хама, во која спаѓа Ал Сукајлабија, изјавил за dpa дека две лица го запалиле божикното дрво и дека едното од нив наводно е уапсено.
Граѓанската војна во Сирија изби во 2011 година по протестите на сунитското муслиманско мнозинство против секуларниот режим на претседателот Башар ал-Асад од социјалситичката партија БААТ, кој доаѓа од алавитската (шиитска) заедница а ја имаше поддршката од христијаните, етноконфесионалната заедница Друзи, секуларистите а со Курдите во минатото одржуваше соработка. Претходно овој месец, бунтовниците помогнати од туските сили во Сирија а предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (HTS), поранешно сириско крило на џихадистичката терористичка мрежа Ал Каеда, започнаа молскавична офанзива во која остварија големи територијални придобивки и го зазедоа главниот град Дамаск.
Водачот на HTS, Ахмед ал-Шара, попознат како Мухамед ал-Џолани поранешен близок соработник на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава (ISIS) вети умереност и почитување на верските малцинства. САД во понеделникот ја повлекоа наградата од 10 милиони долари за информации кои ќе придонесат за апсење или ликвидирање на ал-Шара.
Но, свештеникот Ендрју Бахи во Дамаск изрази загриженост за тоа како ќе се третираат христијаните во Сирија по соборувањето на ал-Асад.
„Имаме право да се плашиме. Во текот на годините, населбите (претежно христијански) во источен Дамаск беа погодени од стотици гранати (истрелувани од позициите на исламистите во предградијата – з.р.) и ние издржавме во нашите домови, но сега атмосферата е нејасна. Постои конфликт и контрадикторност меѓу зборовите и постапките“, предупредува Бахи.
„Изјавите на новото раководство во Дамаск се охрабрувачки и го истакнаа почитувањето на сите секти и религии, но некои акции и слогани се извор на загриженост за нас, а следните денови ќе го испитаат тоа“, додаде Бахи.
Во соседен мнозински шиитски Ирак, по американската инвазија и ссоборувањето на сунитскиот диктатор Садам Хусеин, на удар насунитските радикални групации како ISIS се најдоа токму тамошните христијани чијашто бројака сега е сведена на речиси еден отсто.