Снимката од воените вежби на ловците „МиГ-31БМ“ при авијацијата на руската Тихоокеанска флота ја изненеади руската, но и целата светска јавност.
На снимката од кабината на пилотот може да се види полетувањето и летот во стратосферата. Пилотите вежбаа елементи на пресретнување на странски авиони во воздушниот простор на Русија, а снимката ја објави руската телевизија „Звезда“.
„За прв пат во воздушна борба учествуваа новите, модернизирани ловци-пресретнувачи од типот МиГ-31БМ“, соопштија од прес-службата на источниот воен округ при руските вооружени сили.
Вежбата била одржана над полуостровот Камчатка на рускиот Далечен исток. Еден од авионите МиГ-31 играл улога на непријателски авион кој го нарушил рускиот воздушен простор при максимални брзина и височина, додека друг МиГ-31 полетал за да го пресретне. За предизвикот да биде поголем, пресретнувачот морал да го лоцира противникот без каква било помош од копнената контрола, соопшти прес-службата на руската Пацифичка флота.
Видеото, објавено од телевизискиот канал Звезда, близок до руската војска, покажува како авионот полетува пред да се искачи повеќе од 20 километри во воздух, при брзина од 2.500 км/ч.