
Одделот за воздухопловни единици при МВР денеска со два хеликоптера, Ми-171 и Бел 412, активно работеше на локализирање на пожарот во реонот на Кочани, поточно во близина на селата Соколарци, Врбјани и Жиганци, во кој беше зафатена површина од околу 2.500 хектари, претежно нискостеблеста шума и ливади, во понискиот дел од теренот, а постоеше опасност од пожарот да бидат зафатени куќи и бачила, кои се наоѓаа во непосредна близина на линијата на пожарот.
Како што информира МВР, почнувајќи од 16.00 часот, хеликоптерот Ми-171 од Хеликоптерската единица за посебни намени во 15 наврати исфрли повеќе од 38 тони вода, а хеликоптерот Бел 412 од Хеликоптерската единица за полициски работи во 17 наврати исфрли 18 тони вода.
Во координација со противпожарните служби, останатите служби на терен и воздухопловите на Дирекцијата за заштита и спасување успешно беше спречено ширење на пожарот кон населените места и бачилата кои ги делеа само неколку метри од линијата на пожарот, соопшти МВР.