(ВИДЕО) Со водени топови и солзавец разбиена група демонстранти на Комунистичката партија во центарот на Атина

Со водени топови од специјалните полициски возила и со употреба на солзавец и шок- бомби, грчката полиција во вторникот го прекина протестот и ја разби групата демонстранти, меѓу кои поголемиот дел беа членови од Комунистичката партија и се собраа во центарот на Атина за да ја одбележат годишнината од студентскиот бунт против хунтата.

На инцидентите им претходеше барање од надлежниот полицаец на протестот до првиот човек на Комунистичката партија, Димитрис Куцубас, демонстрантите мирно да си заминат, бидејќи во спротивно ќе следи интервенција од полицијата, бидејќи протестите се забранети.

Неофицијално, претходно беа приведени околу пет лица на Комунистичката партија, за кои Куцубас бараше да бидат ослободени.

Со одлука на грчката полиција од 15-ти до 18-ти ноември забранети се собири на четири или повеќе лица, а членови на Комунистичката партија, не повеќе од илјада лица, се собраа во центарот на Атина, придржувајќи се до мерките за заштита од коронавирусот, беа на растојание од најмалку два метри и сите носеа маски.

На друга локација, пратениците на МЕРА25 предводени од лидерот на партијата Јанис Варуфакис, се обидоа да стигнат до амбасадата на САД во Атина, каде што традиционално завршува протестот најчесто со палење на американското знаме, но беа запрени од полицијата, без да се случат било какви инциденти.

Изминатите години, протестите завршуваа со сериозни инциденти и судири меѓу полицијата и демонстрантите токму во Ексархија, населба што важи за собиралиште на анархисти.

Протестниот марш се одржува по повод 46-годишнината од студентскиот бунт на Политиехничкиот универзитет против хунтата на „црните полковници“, а мнозинството Грци ги обвинуваа САД дека ја поддржувале воената хунта во периодот од 1967 до 1974 година. Поради тоа, главно студентите на овој ден традиционално го одбележуваат денот на бунтот и редовно протестниот марш се одвива до зградата на амбасадата на САД, на чие чело е краво грчко национално знаме, а масовниот собир е во вечерните часови.

Традиционалната поворка кон амбасадата на САД, одбележувајќи ја годишнината од студентскиот бунт против воената хунта од 1973 година крваво задушена една година пред падот на хунтата поддржувана од американската Централна разузнавачка агенција (CIA) се одржува вечерта на 17-ти ноември. Поворката по диктатурата на ткн „црни полковници“, од периодот 1967 до 1974 година се организира секоја година и во неа понекогаш учествуваат и повеќе десетици илјади луѓе, а со неа се осудува поддршката на САД на државниот удар од 1967 година.

Во текот на претпоследната посета на американски претседател на Атина, во 1999 година, Бил Клинтон се извини поради мешањето коешто до децении го поттикнува антиамериканското расположение во Грција.

На 17-ти ноември 1973 година воената хунта испрати тенкови на Политехничкиот универзитет во Атина кој беше заземен од студентите и граѓани, протестирајќи против диктатурата. Најмалку 24 луѓе загинале, а повеќе десетици биле ранети