![poplavi Spanija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/11/2481473fa78c649efe7d0b38f732a094.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Во Шпанија е спасена жена којашто три дена била заробена во автомобил со безживотното тело на нејзината снаа откако биле зафатени од смртоносната поплава, извести во саботата спасувачката служба.
Автомобилот со преживеана жена е откриен во поплавен тунел закрчен од уништени автомобили. Спасувачите, извлекувајќи ги автомобилите, слушнале лелек на жена. Не можела да излезе, бидејќи нејзиниот автомобил бил под други возила.
![](https://netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/11/JUSDDWCQ2FHBNO7JYLRCKBSJZ4-640x360.avif)
„После три дена најдовме живо лице во автомобилот“, рече шефот на цивилната заштита Мартин Перез во саботата во Монкада, град со 21.000 жители.
Монкада се наоѓа во југоисточната провинција Валенсија, каде во поплавите загинаа повеќе од 200 луѓе. Автомобил со преживеана жена е откриен во местото Бенетусер. Жената е пренесена на лекарски преглед, а нејзината здравствена состојба засега не е позната.
Во моментов е во тек потрагата по стотина исчезнати лица.
Откако Перез ја објавил среќната вест пред 400 волонтери, се разлеал нивниот аплауз. Овој успех дава надеж за пронаоѓање живи луѓе откако пороите предизвикани од силните дождови ја поплавија внатрешноста накрајбрежјето Средоземното Море во вторникот вечерта.
Според последните податоци на шпанската влада, животот го загубиле 211 лица, од кои главно во регионот на Валенсија.