ВИДЕО| Спасувачите сѐ поблиску до момченцето пет дена заглавено во бунар во Мароко

Спасувачите во Мароко во саботата очајнички копаа за да дојдат до момченцето коешто веќе пет дена е заглавено во бунар.

Петгодишното дете Рајан упаднало во вторникот во бунар со длабочина од 32 метри во близина на семејната куќа во селото Игхран во северната мариканска покраина Шифшаун, па беше започната голема операција за спасување.

Спасувачите се обидуваат да го одржат момченцето во живот доставувајќи му вода и резерви со кислород. Спуштија и надзорна камера за да ја следат неговата здравствена состојба и да комуницираат со него.

Меѓутоа, напорите за извлекување на детето се отежнати поради тесниот отвор на сувата дупнатина и со кревката почва. Машините копаат окно паралелно со бунарот и хоризонтален тунел до момчето, пренесуваат мароканските медиуми.

Државната новинска агенција MAP извести во саботата дека во петокот вечерта започнал хоризонаталното копање и дека е постигнат напредок. Ископана е дупка меѓу бунарот и паралелното окно, објави агенцијата повикувајќи се на неименуван локален функционер.

Спасувачите во саботата се приближиле до заробеното момченце. Оддалечени се помалку од 2,5 метри од неговата позиција, извести во саботата државниот телевизиски канал 2М. Акцијата за спосување била забавена од камените бариери и делумното уривање на почвата во текот на копањето, се додава во извештајот.