Некогашниот хит „Billie Jean“ на американската поп-икона Мајкл Џексон собра повеќе од милијарда прегледи на YouTube, станувајќи третата песна од осумдесеттите години на минатиот век која го оствари тоа.
Објавен првпат во 1983 година на музичкиот телевизиски канал MTV, спотот во режија на Стив Барон, во кој Џексон со својот танц го осветлува плочникот по кој оди, просечно оваа 2021 година имал по 600.000 дневни прегледи.
Од хитовите на музичарите од 1980-те години, прагот од милијарда прегледи на сервисот за размена на видео материјали досега го минаа само „Sweet Child O’Mine“ на американскиот хард-рок бенд Guns N’ Roses од 1988-та и „Take On Me“ на норвешката синт-поп група A-ha од 1984 година.
Нумерата „Billie Jean“, чиј автор е Џексон а ја продуцираше легендарниот „крал на рокот“ Квинси Џонс, беше наградена со две Греми.
Песната „Thriller“, според која е именуван албумот на кои се двете нумери, исто така, се приближува до милијарда прегледи. Моментално е на 765 милиони.
Според податоците на веб-страницата statista.com, најмногу прегледи на YouTube има детската песна „Baby Shark“ – дури 8,8 милијарди, а следат „Despacito“ на Луис Фонси со 7,2 милијарди и „Shape of you“ на Еди Ширен со 5,3 милијарди прегледи.