Секогаш сум спремен да помогнам, па и по цена на сопствениот живот, изјавил Иван Васовиќ, добитникот на наградата на Гудјиар „Херој на автопатот“, пренесува Блиц.
Престижното признание Васовиќ го добил за спасувањето на возач од запалена цистерна на 27 октомври минатата година, што за малку ќе го чинело живот.
Васовиќ ја напуштил Србија разочаран од состојбата по убиството на премиерот Зоран Џинџиќ и веќе 11 години живее и работи во Америка, каде најпрвин бил возач на камиони, а денес има сопствена компанија. Наградата го направила неверојатно популарен и му го заработила прекарот Супермен, а била воспоставена и награда која ќе го носи неговото име.
„Бев во камион во центарот на Лос Анџелес под надвозник од автопатот кога цистерната излета од патот и се запали. Кабината и предниот дел висеа од надвозникот, а задниот дел се држеше. Од долу ја гледав драмата – пожарот ја зафати кабината во која се наоѓаше возачот. Мислев дека ќе изгори, но тој рипна до кабината од висина од десетина метри. При падот, ги скрши нозете и продолжи да гори. Неколку луѓе стоеја од страна и снимаа со мобилните телефони. Не размислував ни секунда, притрчав и почнав да го гаснам“, изјавил Иван.
Покрај повредениот возач не можело да стои повеќе од неколку секунди поради огромната жештина која доаѓала од запалената цистерна над нив. Во секој момент цистерната можела да падне и да ги убие.
„Помогна уште еден минувач, но не можевме да го одвлечкаме на безбедно бидејќи топлината не се поднесуваше. Земав вода од камионот и се полеав, а потоа се враќав уште два-три пати до повредениот, секој пат повлекувајќи го по малку. Четвртиот пат успеавме да го извлечеме. Неколку моменти подоцна, на местото каде што стоевме падна запалената цистерна. Секунди нѐ делеа од сигурна смрт, што го видов подоцна на телевизиските снимки“, изјавил Васовиќ.
„Се изненадив кога дознав за кандидатурата, а потоа и дека сум влегол во најтесниот избор со уште четворица кандидати“, изјавил Васовиќ.