Нуклеарната централа Запорожје на југот од Украина, којашто од крајот не февруари е под руска контрола, повторно е гранатирана во саботата ноќта и во неделата, што предизвика осуда од агенцијата на Обединетите нации за нуклеарна енергија IAEA, која предупреди дека таквите напади може да предизвикаат нуклеарна катастрофа.
Во масивното гранатирање на украинската војска оштетени се стратешките капацитети на нуклеарната централа, изјави Ренат Карчаа, советникот на генералниот директор на руската државна компанија „Росенергоатом“, во чиј состав влезе нуклеарката Запорожје, откако во септември проруското мнозинство во југоисточната украинска Херсонска област на референдум изгласа присоединување.
Според него, украинската армија ги нанела ударите директно целејќи ја територијата на нуклеарката, со цел да предизвика штети.
„Истрелани беа 12 проектили. Досега е познато дека шест го погодиле базенот на фонтаната за ладење на реакторите, две во сувото складиште за нуклеарен отпад. Сѐ уште е невозможно да се утврдат последиците од гранатирањето, останува ризикот од повторените напади“, изјавил Карчаа за агенцијата РИА.
Агенцијата Reuters без да наведе кој е одговорен за последното и исклучително опасно гранатирање на нуклеарната централа наведува дека тоа предизвикало голема загриженост од евентуална сериозна несреќа на најголемата нуклеарка во Европа, на само 500 километри од Чернобил, каде во пролетта 1986 година се случи најголемата позната нуклеарна хаварија во историјата.
„Повеќе од десетина експлозии ја потресоа централата Запорожје во саботата вечерта и во неделата“, објави Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ – IAEA).
Тимот на IAEA на теренот утврдил дека „има оштетувања на некои згради, системи и опрема“. Се додава дека претставниците на агенцијата виделе некои од експлозиите од своите прозорци.
Во четвртокот IAEA ја донесе третата резолуција од избувнување на војната во Украина, во која апелира Русија да ги прекине сите акции во украинските нуклеарни постројки, особено повикувајќи на „моментално повлекување“ од Запорожје.
Одборот на гувернери на IAEA, која е агенција на Обединетите нации, кој брои 35 члена, 24 земји гласале за резолуцијата. Русија и Кина биле против, додека Индија, Пакистан, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Виетнам, Кенија и Намибија биле воздржани.
„Изразуваме сериозна загриженост што Руската Федерација не ги послуша повиците на Одборот веднаш да ги запре сите акции против и во нуклеарните објекти и бараме тоа да го стори веднаш“, стои во текстот на резолуцијата.
Во врска со резолуцијата на IAEA, заменикот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, посочи дека таа не ја одразува реалност. Челникот на парламентарната Комисија за меѓународни односи на руската Дума, Леонид Слуцки, пак, ја нарече резолуцијата на гувернерите „неизводлива“, посочувајќи дека сега нуклеарната централа се наоѓа на територијата на Русија и веќе стана дел од нејзиниот енергетски систем.