Четворица венецуелски војници, кои ја штитеа границата со Колумбија, денеска дезертираа, а армијата влезе во судир со луѓето кои бараат да биде дозволен влез во државата на хуманитарната помош, пренесе АП.
Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо вели дека стотици илјади луѓе во земјата имаат итна потреба од храна и лекови, а претседателот Николас Мадуро тврди дека хуманитарната операција е меѓународен обид за негово соборување од власт. Тројца од војниците го преминаа мостот „Симон Боливар“, што ги поврзува Венецуела и Колумбија, соопшти портпаролот на колумбиските имиграциски власти. Тој додава дека војниците користеле два тенка за да ја разбијат граничната ограда, при што повредиле најмалку едно лице. Потоа, четвртиот војник дезертирал преку друг граничен мост, истакнува портпаролот. Војникот долго време размислувал за постапката и очекувал и други да му се придружат.
Инаку, на границата, војската влезе во судир со луѓето кои чекаат да пристигне хуманитарната помош, користејќи солзавец. Во венецуелскиот град Урена, на границата со Колумбија, демонстрантите фрлаа камења кон војниците и голема толпа протестираше во поддршка на хуманитарната помош. Дел од светските медиуми објавија дека дел од лицата што протестирале се повредени од гумени куршуми.
Предвидено беше колумбискиот претседател Иван Дуке официјално да означи старт на влезот на хуманитарниот конвој, поддржувајќи го Гуаидо, кого веќе десетици земји го признаа за привремен претседател на Венецуела. Настанот треба да се одржи во колумбискиот пограничен град Кукута, каде се лоцирани околу 600 тони храна, лекови и санитарна опрема, претежно од САД. Не е јасно како помошта ќе биде испорачана, откако Венецуела ги затвори трите гранични мостови. Четвртиот мост беше блокиран и претходно.
Гуаидо ја повика армијата да се сврти против Мадуро и да дозволи испорака на помошта. Претставник на опозицијата рече дека волонтерите ќе формираат жив ѕид, односно коридор, за пренос на хуманитарна помош преку границата. Ако ова не е можно, помошта би можела да се транспортира преку десетина нелегални гранични рути. Војниците на Венецуела, кои избегаа во Колумбија, ја повикаа венецуелската војска да им се придружи и го признаа Гуаидо за претседател. „Ние го признаваме Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела. Другари, дојде време да се направи вистинскиот историски избор, изјавија војниците во видео обраќање објавено на твитер. Тие рекоа дека се одлучиле за ваков чекор поради своите семејства.
Гуаидо ги поздрави војниците, кои избегаа во Колумбија и преку твитер им порача дека не ги смета за дезертери. Тој апелираше Венецуелците да организираат демонстрации пред касарните низ целата земја и да инсистираат армијата да дозволи влез на хуманитарната помош преку границата. Поддржувачите на опозицијата се собраа да протестираат на различни локации во главниот град на Венецуела, Каракас, за поддршка на испораката на помошта.
Каракас подоцна објави дека ќе ги прекине дипломатските односи со Богота.
https://www.youtube.com/watch?v=747a2VtTJ2I
https://www.youtube.com/watch?v=hmL29lrxmb0