Тајван во средата го погоди земјотрес со магнитуда од 7,2 степени според Рихтеровата скала, најсилниот во последните 25 години, при што загинаа најмалку четири лица, десетици се повредени и дадено е предупредување за цунами за јужниот дел на Јапонија и Филипините, кое подоцна беше укинато.
Пожарникарите известија дека едно лице загинало кога врз нив паднале камења во планинската, ретко населена источна област Хуалиен, каде што бил епицентарот на земјотресот. Повеќе од 50 луѓе се повредени.
Најмалку 26 згради се урнаа, повеќе од половина во Хуалиен. Дваесетина луѓе се под урнатините, а спасувачките операции сѐ уште се во тек. Телевизиите емитуваа снимки од зградите како се нишаат додека луѓето одат на работа, а децата на училиште.
Земјотресот, кој предизвика прекин на електричната енергија во главниот град Тајпеј, се случи во 7,58 часот по локално време на длабочина од 15,5 километри од јужниот брег на Тајван, соопшти државната сеизмолошка служба.
Јапонскиот центар за земјотреси објави дека неколку помали цунами стигнале до јужната префектура Окинава и подоцна го укина предупредувањето за плимниот бран. Сеизмолошката агенција на Филипините исто така издаде предупредување за жителите на крајбрежните области и ги повика да се засолнат на повисоките места.
Земјотресот бил почувствуван во Шангај, Кина, велат очевидци. Кинеските медиуми јавуваат дека се почувствувал и во Фуџоу, Ксијамен, Куанжу и Нингде во провинцијата Фуџијан.
Во Тајпеј сè уште се чувствуваат последователни потреси, со најмалку 25 досега, според жителите. Повеќе од 87.000 домаќинства останаа без струја, а превентивно беа стопирани и брзите железнички возови.
Научниот парк Јужен Тајван, кој е дом на важен производител на полупроводници, објави дека компаниите работат нормално. И тој технолошки гигант најави дека производството се одвива без прекин.
Државната новинска агенција наведува дека тоа е најсилниот земјотрес од 1999 година, кога Тајван го погоди земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала во кој загинаа околу 24.000 луѓе, а беа уништени или оштетени 50.000 куќи.