ВИДЕО| Таткото на осомничената за убиството на Дугина вели дека ќерката била во Европа како бегалец

Украинската државјанка Наталија Вовк Шабан, која се осомничена за подметнување експлозив во автомобилот на руската новинарка и политиколог Дарја Дугина, пред извесен период заминала во Европа како бегалец но набрзо се вратила, изјавил за руските медиуми нејзиниот татко.

„Таа беше во Европа. Некаде во Франција. Како бегалец. Потоа тоа не ѝ се допадна, се врати во Полска а потоа во Украина“, рекол таткото на осомничената за агенцијата РИА.

Во понеделникот медиумите објавија дека ја дознале адресата на 43-годишната Наталија во Мариупол и објавија снимки од станот и разговори со нејзини соседи.

Мажот, чиј идентитет агенцијата не го открива, додал дека пред неколку дена ќерката му се јавила и му рекла дека е на Балтикот.

„Разговорот беше ‘Како си?’. Таа рече ‘Сѐ е во ред, сѐ е во ред’. Контактираше преку интернет, скајп или друго. Рече дека е во Литванија“, рекол таткото на осомничената.

Истакнал дека не знае како неговата ќерка стасала во Русија. Покрај тоа, таткото на Вовк потврдил дека таа служела во вооружените сили на Украина, но не во баталјонот „Азов“, кој проруските сепаратисти и Москва го обвинува дека се составен од припадници на неонацистички и ултранационалистички украински движења. Според него, таа излегла од војската поради здравствени причини.

„Велеше дека ги носеле на полигон. Но не знам дали таму гаѓале или не“, рекол таткото истакнувајќи дека неговата ќерка не учествувала изминатите осум години во ткн „антитерористички операции“ на силите лојални на владата во Киев во отцепената проруска југоисточна област Донбас.

Новинарката и политиколог Дарја Дугина, ќерка на познатиот филозоф и публицист Александар Дугин, кој на западот се доживува како силно влијателен врз рускиот претседател Владимир Путин, загина вечерта на 20-ти август, откако по експлозија изгоре автомобилот кој го управувала на автопатот во Московската област. Според прелиминарните сознанија на истрагата, бил активиран експлозив поставен на автомобилот под возачкото седиште, откако Дугина го земала возилото на таткото кој заминал со друг автомобил по присуство на културен фестивал.

Рускиот Истражен комитет отвори кривично дело „убиство извршено со загрозување на јавната безбедност“. Федералната служба за безбедност (ФСБ), пак, во понеделникот објави дека атентатот го подготвиле и извеле украинските специјални служби, а како сторител е наведена извесна 43-годишна Наталија Вовк.

Според податоците доставени до медиумите, Вовк на 23-ти јули со својата 12-годишна ќерка влегла во Русија преку Доњецката област и изнајмила стан во зградата во која живеела Дугина. Украинката извесно време ја следела девојката, за што користела автомобил „Mini Cooper“ на кој трипати менувала регистарски таблички на три држави, за влез во Русија, за возење низ Москва и за излегување во Естонија.

На денот на убиството таа заедно со ќерката биле на книжевно-музичкиот фестивал „Традиција“, а откако Дугина го напуштила настанот на кој со татко ѝ била почесен гостин, го активирала експлозивот под теренецот „Toyota Land Cruiser Prado“, по што со ќерката отпатувала за Естонија.

Руската хакерска група RahDit, која минатиот месец објави илјадници лични податоци на припадниците на украинското разузнавање на тајни служби, објави дека 43-годишната Украинка претходно била дел од баталојонот „Азов“, за кој Москва тврди дека е составен од припадници на неонацистичките и ултранационалистички украински движења, и дека нејзиното презима е Шабан, според поранешниот сопруг Михаил Шабан.

Руските медиуми наведуваат извесна Наталија Вовк живеела во Мариупол, од каде заминала пред еден месец. Социјалните мрежи, наводно е вклучена само еднаш пред пет години, но тоа име се појавило веб-страницата НемиЗида на 13-ти април годинава. Станува збор за мрежна страница на којашто руските хакери ги објавуваат личните податоци за припадници и врбувани лица од украинските специјални служби.