Ноќта од саботата кон неделата (15-ти кон 16-ти април) во селото Кривогаштани, прилепско се случил инцидент во кој биле инволвирани алкохолизирани униформирани полициски службеници, тврдат за НетПрес очевидци на настанот.
Како што посочуваат соговорниците, полицајците всушност започнале вербална расправија, којашто очигледно под дејство на големото количество консумиран алкохол набрзо прераснала во физичка пресметка.
Сведоците велат и дека еден од инволвираните полицајци во инцидентот бил претходно толку пијан што почнал насилно да прегрнува некоја девојка.
Жителите на општината Кривогаштани набрзо го пријавиле инцидентот во тамошната полициска станица, а според соговорниците полициските службеници кои интервенирале на своите „нервозни“ колеги веднаш им го одземале оружјето. Со тоа, за среќа, е спречен можеби и покобен исход од конфликтот.
Во билтенот на МВР од неделата, пак, се наведува дека утрото „во 4,30 часот пред угостителски објект во село Кривогаштани, Х.П. физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија“ како и дека се „преземаат мерки за расчистување на случајот“. Сепак, нашите извори, посочувајќи на видео-снимката тврдат дека станува збор за агресивно однесување и физички напад од најмалку еден полициски службеник.
Редакцијата се обрати со барање за поединост за инцидентот до Министерството за внатрешни работи. До објавувањето на информацијата НетПрес не доби одговор.