ВИДЕО| Тепачка во италијанскиот парламент за законот за регионална автономија

Еден опозициски пратеник мораше да биде изнесен од италијанскиот парламент во средата по расправија и тепачка во текот на дебатата за поголема регионална автономија.

Леонардо Доно од популистичкото Движење пет ѕвезди беше турнат и соборен на подот од други пратеници во хаотични сцени во Долниот дом на парламентот, објавија италијанските медиуми.

Дебатата беше за законот за таканаречена диференцирана автономија на регионите предложен од десничарската влада на премиерката Џорџа Мелони. Законот им дава на регионите поголеми овластувања, на што опозицијата се противи.

Кога пред еден месец се расправаше во Сенатот, горниот дом на италијанскиот парламент, дојде до вербални пресметки меѓу претставниците. Но, сега опозициските парламентарци во Претставничкиот дом вееја италијански знамиња и ја пееја националната химна.

Кога Доно се обиде да му го даде знамето на министерот за регионална администрација, неколку пратеници се упатија кон него и почнаа туркање, покажуваат видео снимките. Остана нејасно дали Доно сам паднал или е соборен од ударите, а претседателот на домот ја прекинал седницата и најавил дека кога ќе ја прегледа снимката ќе одлучи за евентуалните мерки.

Говорејќи за телевизијата La7, Доно рече дека е во болница и чека да биде прегледан од лекарите откако „прими доста удари“. „Не можам да верувам дека такво нешто се случи во Претставничкиот дом. Сè уште не верувам“, рече Доно.