![Tramp Superboul 01](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Tramp-Superboul-01.webp?resize=696%2C391&ssl=1)
Американскиот претседател Доналд Трамп ја исмејуваше пејачката Тејлор Свифт, која ја поддржа неговата противкандидатка Камала Харис на претседателските избори во ноември, откако глобалната мегаѕвезда беше исвиркана на Супербоулот во неделата.
Филаделфија Иглс по вторпат во клупската историја го освоија шампионатот во НФЛ лигата во американски фудбла (рагби), победувајќи го бранителот на титулата Канзас Сити Чифс со 40-22 во Супербоул ЛИКС во Њу Орлеанс ноќта кон понеделникот по македонско време.
Трамп го следеше натпреварот во живо на стадионот, со што стана првиот актуелен американски претседател кој присуствуваше на најголемиот спортски настан во САД.
Тејлор Свифт, која е во врска со ѕвездата на Канзас Сити, Травис Келси, доби свирежи кога нејзиното лице се појави на огромните екрани на „Цезар Супердом“ во Њу Орлеанс за време на полувремето.
„Единствениот кој имаше потешка ноќ од шефовите на Канзас Сити е Тејлор Свифт“, напиша Трамп на Truth Social. „Беше ИСВИРКАНА (…) МАГА се лути“, додаде тој, мислејќи на неговото политичко движење „Направи ја Америка повторно голема“.
Американскиот претседател, исто така, претходно сподели објава во која се истакнува контрастот меѓу свирежите упатени кон Тејлор Свифт и овации што ги доби кога неговото лице се појави на екранот за време на изведувањето на американската национална химна: „Трамп добива масивни овации додека Тејлор Свифт добива свирежи – светот заздравува“.
Тејлор Свифт се приклучи на изборната кампања во САД во 2024 година со поддршка на Камала Харис, што го налути Доналд Трамп до тој степен што го натера да напише на Truth Social: „Ја мразам Тејлор Свифт“.