ВИДЕО| Тропската бура Елза зајакна во ураган

Тропската бура Елза зајакна во ураган од прва категорија, неколку часа пред очекуваниот удар на северниот брег на Флоридскиот залив, соопшти американскиот Национален центар за урагани.

Центарот на Елза се наоѓаше на околу 165 колометри југозападно од Тампа на сојузната американска држава Флорида и се движи кон северот со околу 15 километри на час, со максимален ветер од 120 километри на час, се вели во соопштението.

Елза му се заканува за северниот брег на Флорида откако регионот беше зафатен со силни ветрови и пороен дожд. Властите ги повикаа жителите да бидат внимателни и прогласија вонредни мерки за повеќе окрузи.

Гувернерот на Флорида Рон Десантис ги повика жителите предупредувањата да ги сфатат сериозно и да не патуваат доколку немаат потреба, а се предвидува дека циклонот денеска ќе пристигне до брегот.

Засега нема информации за штети или повредени во невремето при кое дуваше ветер со јачина и до 120 км/ч. Училиштата и јавните установи на подрачјето на Тампа се затворени, а најголем дел од јавните настани се одложени.

Прогнозите се дека Елза ќе помине во внатрешноста на северна Флорида како тропска бура со поројни врнежи и силен ветер, а потоа во четвртокот ќе се придвижува кон североистокот на САД, кон државите Каролина, Џорџија и Вирџинија.