ВИДЕО| Тупанчески за „А1он “ призна дека не го платил чартер-летот ниту картите за ВИП-трибината, а за сместувањето уплатил по натпреварот

Министерот за правда Никола Тупанчески за „А1он“ призна дека не ја платил картата за чартер-летот и влезот на стадионот во Палермо. Фактурата за аранжманот, односно сместувањето ја платил откако целата јавност го виде на трибините, односно по четири денови од одржувањето на натпреварот.

И покрај ова признание, Тупанчевски и натаму тврди дека не го прекршил Етичкиот кодекс во кој има ограничување до која сума и во кои услови може да се примаат подароци.

„Чартер-летот не е вклучен, воопшто не е вклучен, затоа што и да сакате да биде вклучен чартер-летот, тој не може да биде вклучен. Постои начин на организација на патувањето. Начинот или селекцијата на луѓето коишто патуваат треба да биде направен од страна на луѓето кои го организираат патувањето. Јас сум само еден од големата делегација на новинари, лекарски екипи, гости кои патуваат и јас сум само составен дел од делегацијата. Дури морам да ви кажам дека и делот што е платен е платен на мое инсистирање бидејќи мислев дека така треба да биде“, вели Тупанчевски.

Прашан која е цената на летот до Палермо министерот за правда вели „Тоа беше чартер-лет, организиран за сите гости на Фудбалската федерација“.

Од давачки за патувањето, платил аранжман на агенцијата „Гуливер“, исто како и обвинителката Фатиме Фетаи. Не ја презентирал актурата, ниту доказ за исплатата, но тврди дека ја платил на 28-ми март, односно кога изби скандалот.

„Фактурата е подмирена. Ја достави агенцијата што го организираше патувањето. Фактурата е подмирена во рокот кога е дадена за подмирување. Дадена е пред патувањето, подмирена е во рокот што е наведен во фактурата. Нека биде ексклузивно, доставена е на 24-ти, а натпреварот беше на 25-т , а подмирена е на 28-ми март..“, потврдува Тупанчевски.

Посочува дека детали за тоа колку пари и за кои услуги платил доставил и до Владата, која исто така врши проверки.

„Сите информации коишто треба да бидат доставени до институциите веќе се доставени. Ќе можете да видите, тоа ќе биде транспарентно. Нема никаков проблем, нема нешто што треба да се крие или да биде заткулисно“, вели.