ВИДЕО| Турција деaктивираше мина најдена во морето северно од Истанбул

Турската армија во саботата деактивирала мина пронајдена во морето северно од Истанбул, за што претходно предупреди Русија дека веќе неколку такви објекти отплутале од украинските пристаништа.

Турскиот министер за одбрана Халуси Акар потврди дека станува збор за постар тип мина и дека поради нејзиното пронаоѓање е во контакт со руските и со украинските власти.

„Наш тим ја деактивираше мината за којашто е потврдено дека е од постар тип. Поморските сили продолжуваат да работат на откривање и будно внимаваат“, рече Акар во телевизиска изјава.

Деактивирањето на мината било проследено со експлозија. Очевидец за Reuters рекол дека слушнал силен тресок во близина на населбата Румелифенери, која се наоѓа на самиот брег, како и дека во таа област се видени воени бродови, авиони и хеликоптери. Друг очевидец навед дека кон таа област претходно од Истанбул испловил миноловец.

Мината, во горниот дел од Босфорскиот теснец, ја забележале рибари и за тоа ја известиле крајбрежната стража, којашто потоа испратила радио предупредување за пловилата во близина. Мината била видлива на површината на морето и ја носеле бранови. Нуркачки тим ведна по дојавата ја започнал потрагата.

Турција во Црното Море дели граница со Русија и со Украина. Руското разузнавање во понеделникот го повтори предупредувањето дека неколку мини отплутале во морето откако се одвоиле од каблите во близина на украинските пристаништа, но Украина ги отфрли таквите тврдења како „дезинформација и обид да се затворат делови од морето“. Москва претходно минатата сабота предупреди дека подводните мини во Црното Море, поставени од украинската армија околу пристаништата Одеса, Очаков, Черноморск и Јужни, би можеле да стигнат до Босфор.

Русија тогаш предупреди на поморски мини кои украинската воена морнарица ги поставила во целото Црно Море, по почетокот на руската офанзива во Украина, а кои би можеле да отпловат неконтролирано до Босфор или дури до Средоземното Море. Украинските поморски сили поставиле минска бариера во близина на пристаништата Одеса, Очаков, Черноморск и Јужни,

Според овие податоци, станува збор за околу 420 застaрени мини произведени во првата половина од минатиот век, и се предупредува дека бурите влијаеле врз кинењето на каблите кои ги поврзуваат мините со котвите и оти поради површинските морски струи кои се движат во јужна насока не е ислкучено плутање и придвижување на мините кон Босфорот, а потоа и кон морињата во Средоземноморскиот басен.

Црното Море е главната поморска артерија за пренесување жито, нафта и нафтени деривати. Поврзано е со Мраморното и со Средоземното море преку Босфор кои минува низ средиштето на Истанбул, најголемиот турски град со повеќе од 16 милиои жители.