Кошаркарите на мадридски Реал во финалниот натпревар од завршниот турнир во Евролигата го совлада грчки Олимпијакос со 79:78, со што во своето 20-то финале по 11-ти пат ја освоија титулата на елитното континентално натпреварување.
Победничкиот кош за минималната победа го постигна ветеранот Серхи Љуљ на 3 секунди до крајот на натпреварот, а куриозитет е што тоа му беше единствениот погодок на мечот. На спротивната страна, по тајмаутот, Костас Слукас не беше прецизен од обидот за два поена.
Најдобар играч кај Реал, особено во завршницата, беше Серхио Родригез со 15 поени и 9 асистенции. Центарот Валтер Таварес покрај 13 коша имаше и 10 скокови, Марио Хезоња впиша 12 поени со 3 скока и 2 украдени топки, а Фабиено Козер додаде 11 коша.
Кај Олимпијакос најдобар беше МВП играчот на сезоната во Евролигата, Александар Везенков со 29 коша и 9 скокови, додека Ајзеа Канаан впиша 21 поен. Грчкиот клуб во деветтото финале остана на три титули првак на Европа.
Олимпијакос одлично го отвори натпреварот со прецизни удари од далечина и поведе со 24:12. Сепак, следеше подобар дефанзивен период во играта на Реал, кој во добар дел од играта се бранеше зонски, па мадриѓаните со серијата од 9:0 на преминот од првата во втората четвртина брзо се вратија во резултатска рамнотеќа која траеше до самиот крај на натпреварот.
Сепак, Олимпијакос се чини беше поблиску до трофејот, кога грчкиот тим поведе со 74:67 со „тројката“ на Везенков на шест минути пред крајот. Грците во последните три минути влегоа со со плус 6 (76:70), но потоа Серхио Родригез ја зеде играта на Реал во свои раце, а со асистенција на Таварес, погодокот за два поена и „тројката“ на 45 секунди до крајот, го доведе својот тим до 77:78 и шанса за победа која им ја донесе Љуа на три секунди до крајот со својот единствен кош на мечот.
Лани Реал загуби во финалето со еден кош од турскиот Анадолу Ефес, а ова е прва титула за мадридскиот клуб по 2018 година кога Лука Дончиќ го предводеше до триумф во Евролигата.
.@23Llull FOR THE WIN pic.twitter.com/AnvwUMaEeE
— Turkish Airlines EuroLeague (@EuroLeague) May 21, 2023
— Turkish Airlines EuroLeague (@EuroLeague) May 21, 2023