Државното обвинителство на Романија нареди притвор за претседателот на романската агенција за спречување перење пари за фалсификување на неговите дипломи, објави полицијата.
„Тој беше предмет на истрага затоа што измамил неколку јавни институции кога поднел барање за вработување и предал фалсификувани дипломи кои потоа биле поништени од надлежните судови“, соопшти денеска полицијата.
Лорентиу Баранга (53) е во притвор во Букурешт од вчера. Баранга по струка е бравар, и тој е осомничен за фалсификување на средношколска диплома, врз основа на која имал неколку позиции во последните десет години. Во четвртокот, тој поднел оставка на функцијата шеф на Агенцијата за спречување и борба против перење пари, што ја извршувал од почетокот на септември. Неговиот дом во јужна Романија вчера бил претресен.
Романските медиуми објавија дека Лаурентиу Баранга матурирал во 1999 година, на 32-годишна возраст. Потоа, во 2008 година, тој добил диплома од Факултетот за менаџмент, а три години подоцна, кога имал 44 години, се стекнал со докторат за менаџмент.