Десет лица се уапсени во рамки на акцијата спроведена од МВР по насока на Јавното обвинителство, а при е сузбиена меѓународна криминална група за нелегална трговија со дрога.
Од МВР информираат дека во акцијата биле вкучени Бирото за јавна безбедност – Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, во содејство со Одделот за специјални полициски операции со САЕ„Тигар“, Единицата за брзо распоредување, како и Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал, Оперативен тим потраги, Единицата за недозволена трговија со дрога и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.
Во акцијата запленети се околу 40 килограми марихуана со вредност над 200.000 евра. Со ова е сузбиена меѓународна криминална група во која покрај наши државјани, учествувале и албански и косовски државјани, кои биле инволвирани во недозволена трговија и продажба на наркотични дроги, така што организирале транспорт на марихуана од Албанија преку Косово во нашата држава, со цел понатамошен транспорт за Турција.
Имено, по преземени мерки и активности, во вечерните часови, на локалниот пат за село Сопиште од страна на полициските службеници биле запрени две патнички возила, и тоа „рено флуенс“, управувано од С.Ф.(36) и „фолксваген венто“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Ф.(30), двајцата од с.Никиштане. Првото возило имало задача да биде „чистач“, односно да известува за присуство на полициски патроли, а при извршениот преглед во багажникот од второто возило била пронајдена вреќа во која биле спакувани 27 пакувања со марихуана, велат од МВР.
Истовремено, на крстосницата кај трговски центар на подрачјето на Бит Пазар, од страна на полициски службеници од Интервентна полиција биле лишени од слобода М.Л. (49) од Ѓирокастро, Албанија, Љ.Н. (59) од Скопје и И.Е. (41) од Тетово, кои се превезувале со патничко возило „фиат пунто“, а координирано, во населбата Ѓорче Петров, бил лишен од слобода А.П. (57) од село Грчец.
Од страна на полициски службеници од оперативен тим Потраги заедно со Единицата за брзо распоредување биле извршени претреси на две локации во скопското село Патишка Река. Притоа, од слобода биле лишени две лица, и тоа М.А. (19) од село Патишка Река и К.К. (31) од Скопје. За М.А. биле распишани три Централни потерници, по три судски наредби, веќе осуден на 2 години казна затвор и дополнителна мерка притвор, додека скопјанката К.К. се барала по Централна потерница и судска наредба со определена мерка притвор, а при претресите биле пронајдени уште 26 пакувања марихуана.
Претреси биле извршени и на други повеќе локации во Скопје, и тоа во селото Никиштани, кај С.Ф. (36), при што биле пронајдени машини за копање на биткоини, со кои се вршела кражба на електрична енергија, како и на подрачјата на Карпош и на Бит Пазар, при што биле пронајдени предмети поврзани со кривични дела, а на излез од Македонија на Граничен премин Долно Блаце, од страна на гранична полиција при Регионален центар Север бил лишен од слобода и косовскиот државјанин Ф.Т. (32), при обид да побегне од државата.
Од Обвинителството велат дека во текот на денешниот ден јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе донесе Наредба за спроведување на истрага против десетте лица за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Осомничените во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на судот ќе му предложи на осомничените да им биде изречена мерка притвор.