Осум деца, улишниот обезбедувач и една наставничка се убиени во пукањето во основното училиште „Владислава Рибникар“ во белградската населба Врачар, во средата утрото, јавуваат белградските медиуми повикувајќи се на свои извори чии информации сѐ уште не се официјално потврдени.
Четиринаесетгодишниот ученик во седмо одделение, кој го извршил масакрот, прво пукал во чуварот, а потоа и во соучениците кои биле во ходникот. Српските медиуми објавуваат дека се претпоставува дека бил под дејство на наркотици. Според првичните сознанија, станува збор за дете кое било примерен ученик, а потекнувало од семејство на здравствени работници.
Весникот „Вечерње Новости“ на својот портал не наведува дека има повеќе жртви, освен чуварот. Но, наведува дека меѓу повредените има повеќе лица, кои се префрлени во две белградски болници. Агенцијата „Танјуг“ претходно објави дека едно од повредените лица е во критична состојба.
Момчето упаднало на час по историја и почнало да пука во учениците, потврдиле извори на Б92.нет. Едно дете е веќе на операционата маса, има повреди на главата и е животно загрозено.
Момчето застрелало свој поранешен наставник со пиштолот од неговиот татко, го убил чуварот, а најмалку седум други лица се ранети. Притоа се наведува дека со себе имал и пет полни шаржери. Мотивите сѐ уште не се познати.
Учениците сѐ уште се затворени во училниците и, како што дознаваат медиуми, постепено ќе бидат излвекувани, прво помладите, па повозрасните.