Украинската војска соопшти дека во понеделникот ноќта започнала противофанзвиа против сепаратистичките и руските сили кои одамна го контролираат јужниот рускојазичен регион Херсон, каде што властите се подготвуваат за референдум за присоединување на Русија.
Според објавата од Киев, било наводно гаѓано складиште со оружје во градот Нова Каховка. Се тврди дека е уништена руска хаубица и воена техника, како и дека руските единици загубиле 50 војници.
Во вторникот утрото руските медиуми, повикувајќи се на привремените административни власти во Херсонската област, објавија дека во украинското гранатирање на Нова Каховка е погодена станбена населба, при што досега се потврдени седум загинати, четворица исчезната, околу 70 повредени. Се додава дека под урнатините има десетици лица, а дека шест деца досега се извлечени, а стотици домови се оштетени од фрагменти од проектилите.
Киев неодамна им порача на цивилите во Херсонската област да бегаат најавувајќи ги плановите со користење на модерното западно оружје повторно да ја зазема областа којашто без поголеми борби беше заземена од проруските сепаратисти помогнати од руските единици. Според процените на властите во Нова Каховка, ракетирањето врз градот било извршено со американските повеќекратни ракетни лансери HIMARS.