ВИДЕО: Украина тоне во граѓанска војна

Лугањск е следната цел на украинската офанзива против проруските бунтовници и вооружени демонстранти, пишуваат локалните медиуми, пренесува Нова Македонија.

Украинската војска продолжува со силната офанзива кон проруските бунтовници на истокот од земјата. Во борбите во Лугањск, Славјанск, Краматорск и во Мариопол се зголемува билансот на убиени и ранети лица на двете страни. Во нападот врз Домот на синдикатите во Одеса според последните информации бројот на убиени се искачи на 46 лица, а 112 биле ранети. Иако официјален Вашингтон го повика Киев да ги казни одговорните за смртта во Одеса, истовремено за брутално и планирано убиство на десетина луѓе отворено се обвинува Москва, но и „проруските провокатори“ кои во Одеса стигнале од соседниот град Приднестровие, пренесуваат западните медиуми.

„Русија денес“ јавува дека фотографиите и снимките од убиените на Јутјуб со кои се фалат активистите на Десниот сектор, би требало да бидат доволен доказ со кој ќе се казнат извршителите на нападот. Според агенцијата, идентитетот на поголем број напаѓачи е познат, а тие лесно се идентификувани по снимките, но и фотографиите од социјалните мрежи што самите си ги објавиле еден час пред нападот врз Одеса, пренесува руската агенција.

Од друга страна, Москва категорично ги осуди акциите што доведоа до загинување на најмалку педесет луѓе во Одеса и го обвини Киев за крвопролевање што не може да го запре, пренесе ИТАР-ТАС.

– Трагичниот настан во Одеса, Москва го смета за криминална неодговорност на властите во Киев, кои им удоволуваат на неонацистичките радикали, вклучувајќи го Десниот сектор, а кои вршат терор врз поддржувачите на федерализацијата и уставните промени во украинското општество – се наведува во соопштението на руското МНР.

Локалните медиуми од областа Лугањск пренесуваат дека полицајците од новиот началник на полицијата добиле информација дека се подготвува напад врз нив. Тоа буквално значи дека Лугањск е следната цел на украинската офанзива. Според информациите на локалните медиуми, за нападот веќе била подготвена тешка оклопна артилерија, составена од специјалните единици на украинската полиција, националната гарда, но и воени единици.

Во меѓувреме локалното население ја поддржа одлуката на народниот гувернер на областа Лугањск, Валериј Болтов, кој нареди општа мобилизација и воведување полициски час во регионот.
– Ќе собереме војска и ќе одиме на заземање на Киев – предупреди Болтов.

Извор: Нова Македонија