ВИДЕО| Уништени над 30 јахти во голем пожар во пристаништето во Медулин

Најмалку 30 јахти изгореа во голем пожар што избувна во пристаништето во Медулин на хрватското крајбрежје, јави хрватската национална телевизија ХРТ, повикувајќи се на информации од полицијата во Истра.

Полицијата добила дојава за пожар во пристаништето утрово во 03:55 часот.

Досега изгореа 30 пловила, а неколку од нив потонаа. Пожарот сѐ уште беснее, а се слушаат и експлозии, јави ХРТ.

Пожарот се шири од една на друга јахта. Засега нема информации за жртви во пожарот.

Медиумот јави дека просечната цена на една јахта усидрена во тоа пристаниште е околу 150.000 евра.

Во гаснењето на пожарот во пристаништето во Медулин учествуваа и припадници на Јавната противпожарна бригада од Пула со четири возила, а во гаснењето на пожарот им се придружија и припадниците на доброволната противпожарна единица Медулин (ДВД).

Дирекцијата за цивилна заштита на Република Хрватска на Фејсбук објави дека „според добиените информации, чадот од пожарот се шири во правец на морето и нема опасност од пожар за околните објекти“.

Причината за пожарот и материјалната штета ќе ги утврдува истрага.

Како што јави ХРТ, некои жители скокнале во морето и донеле неколку чамци на безбедно.