Белоруската полиција соопшти дека уапсила 633 лица на вчерашниот протест против претседателот Александар Лукашенко, кој владееше 26 години и победи на изборите во август, чиј легитимитет оттогаш е оспоруван.
„Вкупно 633 лица беа приведени вчера (недела) за кршење на законот за масовни собири“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Други 363 лица се во притвор и го чекаат денешното судење.
Ова е најголем број приведени од 9 август, кога Белорусите изразија незадоволство од резултатите на изборите што ги сметаат за наместени на масовен протест, кој беше задушен од безбедносните сили.
Повеќе од 100.000 луѓе вчера маршираа низ центарот на Минск, четврти викенд по ред, и покрај импресивниот број полицајци распоредени на улиците на главниот град.
На снимката се гледа како специјалци со „фантомки“, во цивилна облека или униформи, патролираат низ центарот на градот со палки, бркајќи демонстранти.
Протести имало и во други градови, како што се Гродно и Брест.
Лукашенко (66), кој одбива дијалог со опозицијата и покрај скоро секојдневните протести, смета на поддршката на неговиот сојузник Русија и го обвинува Западот за заговор за негово соборување од власт.
Острите мерки против протестите беа особено брутални во првите денови по изборите на 9 август кога најмалку три лица беа убиени во демонстрациите, десетици се уапсени, а повеќе од 7.000 приведени.
Документирани се бројни случаи на тортура и малтретирање.