Во експлозија во фабрика за пестициди во источна Кина загинаа 47 лица а повредени се повеќе од 600, објавија во петокот државните медиуми, за најновиот биланс од една од низата индустриски несреќи што ја разгневи кинеската јавност.
Експлозијата се случи во четвртокот, во индустрискиот парк Ченџаганг во градот Јанченг, во провинцијата Џангсу, а огнот конечно беше ставен под контрола во петокот во 3 часот наутро по локално време.
Преживеаните биле згрижени во 16 болници, а вкупно се пријавени 640 повредени лица, од кои 32 се во критична состојба, објави државната телевизија CCTV.
Пожарот во фабриката во сопственост компанијата „Tianjiayi Chemical“ се проширил на соседните фабрика. Покрај тоа, според локалните медиуми, имало и повредени деца во детската градинка во близина на местото на несреќара.
Причината за експлозијата сѐ уште се истражува, а компанијата којашто произведува повеќе од 30 органсји хемиски соединенија, од кои некои се високо запалливи, била порано казнувана за прекршување на прописите за безбедност при работата, пишува весникот China Daily.