ВИДЕО| Во Иран две нови погубувања поради насилствата на масовните протести

Во саботата во Иран се спроведени уште две погубувања и покрај кампањата на невладините организации кои го повикаа официјален Техеран да ги поштеди животите на Мохамад Мехди Карами и Сеџед Мохамад Хосеини.

Протестите ширум Иран избија кон средината на септември по смртта на 22-годишната Курдка Махса Амини во притворот на моралната полиција поради непридржување до правилото за покривање на главата. Либералните активисти тврдат дека починала од добиениот ќотек во притворот, а властите тврдат дека починала поради влошување на здравјето поради претходно болести.

Протестите, кои подоцна ја зафатија целата земја, се проценуваат на западот како најголемите по 1979 година, во кои има десетици загинати припадници на безбедносните сили и стотици демонстранти. Техеран за нивно поттикнување и организирање ги обвинуваат западните разузнавачки агенции и веќе осуди на смрт неколку лица обвинети дека работеле за странски служби.

„Мохамад Мехди Карами и Сеџед Мохамад Хосеини, главните сторители на злосторство коешто доведе до маченичката смрт на Рухолах Аџамијан утрово се обесени“, објави порталот Mizan Online, повикувајќи се на извори од милицијата Басиџ, поврзана со Револуционерната гарда, елитната идеолошка формација на иранската војска.

Од почетокот на протестите иранското правосудство на смрт осуди 14 лица поради поврзаност со смртоносните протести, пренесува агенцијата AFP повикувајќи се на иранските официјални информации.

Со денешните погубувања смртната казна е извршена над четворица осуденици, а за другите процесите се во тек. Активистите велат дека со обвинувањата, чиишто краен исход најчесто е смртната казна, соочени се уште десетина лица.

Според снимките од судењето, чија автентичност не може да се потврди, двајцата егзекутирани детално опишуваат како загинатиот бил бркан и тепан со стапови и камења од група од 30 до 40 лица, а Карами признава дека додека жртвата лежела на земјата го удрил и го шутирал, откако некој претходно Аџамијан го избодел неколкупати со нож

Саботните погубувања се случиле и покрај кампањите на невладините организации против нивното извршување. Кон средината на декември таткото на Мехди, Машала Карами на социјалните мрежи објави видео-снимка во којашто ги моли властите да ја поништат одлуката за смртната пресуда за неговиот син, кого го опиша како првак во карате, репрезентативец и освојувач на награди на многу натпреварувања во Иран.

Карами за локалните медиуми изјави дека нивниот семеен адвокат не успеал да дојде во посед ниту да го прегледа досието на неговиот син. Адвокатот Мохамад Агаси во саботата на Twitter објави дека на Карами не му било овозможено последен пат да ги види членовите на своето семејство пред погубувањето.

Според податоците на организацијата Iran Human Rights (IHR) со седиште во Осло, Карами имал 22 години, а според податоците на иранските невладини организации Хосеини бил на 39-годишна возраст. Од Amnesty International го осудија „нечесното“ судење коешто било спроведено по „забрзана постапка“.

Од средината на септември во Иран, според податоците на Обединетите нации, уапсени биле околу 14.000 луѓе, меѓу кои има и многу активисти, спортисти, новинари и познати личности од филмската уметност.