Израелската управа за антиквитети (AIA) во неделата во централен Израел на јавноста ѝ ги претстави ископините на град изграден пред 5.000 години, еден од најстарите и наголемите на Блискиот исток во споменетиот период.
„Откривме остатоци од древен град, кои упатуват на големо и планирано урбано градење со улици кои ги раздвојуваат станбените од јавните простори“, изјавил за AFP Јицак Паз, еден од археолозите одговорни за ископувањата, додавајќи дека судејќи според површината станува збор за големо откритие од бронзената ера на подрачјето на Блискиот исток.
„Во Есура, близи градот Хедера се наоѓа најголемото и најзначајното наоѓалиште од бронзената ера. Површината му изнесува околу 650.000 квадратни метри, што значи дека е двојно поголемо од сите наоѓалишта кои досега ги откривме“, рекол арехеологот Итаи Елад.
Јицак Паз вели дека според процените на археолозите од земјоделството и трговијата на тоа подрачје живееле меѓу 5.000 и 6.000 жители. Додава дека градот од неразјаснети причини бил напуштен во третиот милениум пред новата ера.
Ископувањата кои траат веќе две и пол години откриваат уште еден помал археолошки локалитет стар околу 7.000 години, како и гробишта, храм посветен на верски обреди, но и ѕидини долги околу 20 и високи два метра, вели археологот Дина Шалем, која учествувала во ова истражување.
Паз појаснува дека станува збор за „првите чекори во процесот на урбанизација“ во регионот, тогашната земја Канаан. Археолошките ископувања на областа на Канаан започнале уште во 1928 година. Особено се значајни и познати ископините од бронзениот период, период пред владеењето на Египет. Тогаш важна улога имале градовите Мегид и Кадеш.
Итаи Елад открива дeка на богатата археолошка локација пронашле околу четири милиони разни керамички фрагменти, алатки со кремен, остатки од вазни од камен и базалт, од кои дел потекнуваат од Египет. Паз, пак, го истакнува заоблениот боздоган. Октриени се и остатоци од фигурини со глави на луѓе и животни
„Овде најдовме и полујагленосани коски од животни кои изгореле во камен базен во храмот и близу него, што е доказ за жртвување“, вели Елад.
Археолошките откритија на овој локалитет започнаа откако државното транспортно претпријатие „Netivei Israel“ започна со проектот за градење голем сообраќаен јазол. Поради вредните археолошки наоди, компанијата одлучи да ги измени плановите за надамошно градење на патниот јазол, за да се сочуваат вредните артефакти.