ВИДЕО| Во Мадрид жесток протест против договорот меѓу Санчез и Пучдемон

Илјадници демонстранти се собраа во четвртокот ноќта пред седиштето на шпанската Социјалистичка работничка партија (PSOE) во Мадрид, нарекувајќи го нејзиниот лидер и премиер Педро Санчез предавник, откако вети дека ќе го помилува поранешниот каталонски премиер во егзил Карлес Пучдемон.

Санчез и Пу;демон се договорија да донесат закон за амнестија за организаторите на забранетиот референдум за независност во 2017 година, кој парламентот треба да го усвои во наредните денови.

Против тој закон се организираа протести пред седиштето на PSOE на Санчез седма ноќ по ред, а на нив се појави и Сантијаго Абаскал, лидерот на десничарската партија Глас (Vox), која е трета според бројот претставници во парламентот. Демонстрантите носеа шпански знамиња, а некои фрлаа шишиња и пиротехника кон седиштето на партијата. Полицијата одговори со палки и уапси шестмина демонстранти.

Регионалната влада извести дека 8.000 демонстранти се собрале пред седиштето на PSOE, а протести се одржаа и во другите градови како Барселона, Валенсија и Мурсија.

Санчез се надева на нов четиригодишен мандат на 15-ти или 16-ти ноември, кога парламентот најверојатно ќе гласа за неговата левичарска коалициска влада. За да ги освои потребните 176 претставници во парламентот од 350 места, тој мораше да ја добие поддршката од партијата JxCAT на Пучдемон.

Каталонската партија го постави услов за закон за амнестија со кој ќе се запрат судењата против сите лица кои од 2012 до 2023 година учествувале во активности поврзани со организирање референдум за независност на Каталонија, автономна покраина со 7,5 милиони жители во североисточна Шпанија која има најголем удел во шпанскиот бруто домашен производ.

Шпанскиот Уставен суд во октомври 2017 година порача дека не може да се организира референдум, бидејќи тоа не е дозволено со уставот на земјата. Шест години во Белгија, Пучдемон е недостапен за шпанското правосудство, кое сака да му суди за организирање референдум и прогласување на република Каталонија, што не беше спроведено.

„Ова е историска можност за решавање на конфликт кој може и треба да се реши само преку политика“, рече членот на PSOE, Сантос Сердан, по потпишувањето на договорот. Пучдемон, пак, рече дека шпанската влада нема да дочека крајот на мандатот доколку не ги исполни своите ветувања.

Левичарската влада на Шпанија ќе зависи од поддршката на регионалните партии за независност на Каталонија и Баскија за време на нејзиниот мандат. Шпанската десница смета дека помилувањето на организаторите на каталонскиот референдум во 2017 година може да ги поттикне поддржувачите на независноста да направат нов обид за отцепување, што би го загрозило интегритетот на Шпанија.