Непознати напаѓачи со запалливи Молотови коктели во латвиската престолнина Рига предизвикале пожар во домот на украинската блогерка Софија Стужук, по нејзините објави во кои критикува некои политики на украинските власти во Киев, пренесе во понеделникот Sputnik Near Abroad.
Во објавата на Telegram каналот на интернет ресурсот финансиран од Москва се наведува дека пожарот бил набрзо изгаснат и оти во инцидентот немало повредени. Според агенцијата, во моментот на нападот во куќата имало пет деца.
Се додава и дека проукраински ориентирани жители на Рига во последниот период постојано ја вознемирувале блогерката, ја објавиле нејзината адреса на социјалните мрежи и ги повикуваа властите да ѝ го одземат латвиското државјанство.
Пролетта годинава, неколку месеци по почетокот на руската инвазија, Стужук емигрираше во Латвија, како што тогаш објави поради „несогласувањето со политиките на Киев“, и порача дека нема намера да се врати во својата татковина.