Во телефонот на еден од обвинетите за терористичкиот напад со над 140 мртви во концертната сала „Крокус“ крај Москва, пронајдени се луѓе во маскирни униформи со знамето на Украина, објави во петокот рускиот Истражен комитет на својот Telegram канал.
„Во телефонот на терористот содржани се фотографии од луѓе во маскирни униформи со украинско знаме во заднината на уништени куќи и украинска поштенска марка нецензируран гест. Овие податоци може да укажат за поврзаноста меѓу извршителите на терористичкиот чин и спроведувањето на специјалната воена операција“, се вели во објавата во којашто се користи терминот со кој Москва официјално ја означува руската инвазија во Украина.
„Утрото на 24-ти февруари 2024 година, односно на годишнината на од почетокот ….,еден од соучесниците, по налог на налогодавачот, нашол на интернет ресурси и му испратил снимки од влезовите во ‘Крокус Сити Хол’ и пристапните патишта..“, се додава во соопштението на рускиот Истражен комитет.
Истражителите истакнуваат дека сето тоа обвинетиот го потврдил. Се додава и дека истрагата и натаму е насочена на проверка на сомневањата за можна вмешаност на лица од украинските тајни служби и радикалните исламистички организации во организирањето на нападот во концертната сала.
Веднаш по нападот со најмалку 144 убиени, од кои најмалку 40 од огнострелни рани а другите од задушување од чадот по подметнатиот пожар, и 181 ранети, Вашингтон и Киев објавија дека украинската страна не стои зад нападот, а ултрарадикалната џихадистичката групација Исламската држава дури двапати ја презема одговорноста. Сепак, Москва укажува на фактите дека четворицата директни извршители на масакрот веднаш се обиделе да пребегаат кон Украина каде по нивно признание имале контакт, и укажува на недоследноста во објавите на Исламската држава во однос на нејзините претходно преземања на одговорноста за терористички напади извршени од нејзини приврзаници.
Руската служба за безбедност (ФСБ) во четвртокот соопшти дека во Екатеринбург и Омск уапсила двајца странски државјани и еден руски државјанин, кои биле вклучени во финансирање и регрутирање терористи кои учествувале во нападот, што се случи на 22 март во концертната сала „Крокус“, во близина на Москва.
Приведените странци се од регионот на Централна Азија, пренесуваат руските медиуми.
ФСБ откри дека „двајца од уапсените префрлиле пари за набавка на огнено оружје и возила користени во терористичкиот напад, а третиот бил директно вклучен во регрутирање соучесници во терористичкиот напад и финансирање на неговите извршители“