(ВИДЕО) Во втората дебата Трамп и Бајден се расправа за ковидот, расните прашања, плаќањето даноци…

Доналд Трамп и Џо Бајден се судрија во четвртокот за тоа како да се управува со пандемијата со корона вирусот, за расните прашања во САД, а разменија и обвинувања за корупција, на втората и последна претседателска дебата, дванаесет дена пред изборите.

За да се избегне хаосот од првата дебата одржана кон крајот на септември, кога поради влегувањето во збор честопати беше невозможно да се слушне што зборуваат кандидатите, овој пат микрофоните беа исклучени за да им се овозможи на секој од нив да зборува по две минути на секоја нова тема, а потоа беа повторно вклучувани.

Но, се чинеше и дека тонот на американскиот претседател Трамп овојпат беше повоздржан отколку во првата дебата кога тој постојано прекинуваше и кога двајцата кандидати разменија бројни лични навреди.

Демократскиот кандидат Бајден, поранешен потпретседател во времето на Барак Обама, ги повтори своите критики за начинот на кој Трамп управува со пандемијата со корона вирусот, додека сегашниот републикански претседател ги повтори обвинувањата против Бајден и неговото семејство.

Дебатата на универзитетот Белмонт во Нешвил беше последната голема можност за претседателот да го стигне Бајден од анкетите, 12 дена пред изборите.

Бајден го обвини Трамп дека е одговорен за жртвите од КОВИД-19. „Некој што е одговорен за толку многу смртни случаи не треба да остане претседател на Соединетите држави“, рече Бајден. „Јас ќе ставам крај на тоа“.

Двајцата кандидати требаше да бидат одделени со плексиглас поради КОВИД-19, што не беше случај во првата дебата, но бариерите беа отстранети откако Трамп и Бајден потврдија дека биле тестирани за корона вирус и биле негативни. САД имаат 8,4 милиони заразени и 223.000 починати од корона вирус.

Трамп го бранеше управувањето со корона кризата, тврдејќи дека најлошото поминало. „Имаме вакцина, таа е подготвена, ќе се дистрибуира во текот на следните неколку недели“.

Бајден рече дека на Америка и претстои „мрачна зима“.

На прашањето од Бајден да преземе одговорност за ситуацијата, Трамп одговори: “Јас ја преземам целосната одговорност. Не сум јас виновен што (вирусот) дојде тука, вината е на Кина”, рече тој.

Обвинувања за корупција и даноци

По првата серија прашања во врска со корона вирусот, кандидатите продолжија да разменуваат обвинувања кој има нелегални врски со странски земји.

Трамп ги повтори обвинувањата дека Бајден и неговиот син Хантер прават бизнис со Кина и Украина и го повика својот противник да ги разјасни обвинувањата за корупција.

„Џо, мислам дека им должиш објаснување на Американците“, инсистираше претседателот, кој ги засили личните напади врз неговиот противник во последните денови, нарекувајќи го семејството Бајден „криминално претпријатие“.

Бајден одговори на нападите во кои беше вклучен неговиот син велејќи дека тој никогаш не зел пари од ниту една странска влада, дека неговиот син не го плаќа Кина и дека никој од нив не сторил ништо лошо во врска со Украина.

Бајден го нападна Трамп за Кина. Њујорк Тајмс на почетокот на неделава пишуваше за деловните и финансиските врски на Трамп со Кина.

„Дознавме дека овој претседател платил 50 пати повеќе даноци во Кина, има тајна банкарска сметка во Кина, а вели дека јас земам пари. Не зедов ниту пени од ниту една земја “, рече Бајден.

„Единствената личност што заработи пари во Кина е тој“, додаде тој. „Јас немам деловна активност со Кина, немам деловна активност со Украина, немам деловна активност со Русија“.

Прашањето за даноците

Потоа продолжи со контранапад – го потсети Трамп дека никогаш не ги објавил даночните пријави. „Што криеш?“, Праша тој.

Трамп постојано повторуваше дека преплатил данок, откако се појавија обвинувања дека тој не плаќал данок со години или дека платил занемарлива сума.

Говорејќи за мешање во изборите во САД, Бајден рече дека странските земји ќе платат за тоа.

„Секоја земја што се меша ќе плати за тоа“, рече тој, откако ги именуваше Русија, Кина и Иран.

Високи претстаавници на американски разузнавачки служби ги обвинија Русија и Иран дека се обидуваат да се мешаат во претседателските избори во 2020 година, што Москва и Техеран жестоко ги отфрлаат.

Тие тврдења, објавени две недели пред изборите на 3 ноември, покажуваат колку се загрижени високи американски претставници за обидите на надворешни фактори да предизвикаат сомнеж во интегритетот на гласањето на Американците и да прошират дезинформации за да се влијае на резултатот.

Бајден му порача на Трамп да продолжи да додава масло на огнот

Во многу вжештената размена на ставови за расните прашања, Бајден му порача на Трамп „дека долева масло на кој било расен оган“.

„Јас сум најмалку расист од сите овде, направив за црнците повеќе од кој било од Абрахам Линколн“, рече Трамп. Бајден возврати со тоа што Трамп беше меѓу оние американски „претседатели кои беа најголемите расисти во модерната историја“.

Трамп тогаш посочи дека Бајден ги поддржува законите што доведоа до повисоки стапки на притвор, особено за Афроамериканците.

Бајден призна дека не бил во право кога поддржувал такви закони во минатото и рече дека ќе се залага за укинување на затворските казни за ситни прекршоци и ќе се концентрира на рехабилитација на такви лица.

Тие се судрија и околу здравствената заштита, прашање што многу ги загрижува американските гласачи. Трамп рече дека успешно ги укинал клучните одредби од здравствената реформа што беа донесени за време на претседателот Барак Обама.

90-минутната дебата беше модерирана од Кристен Велкер, новинарка на Ен-Би-Си која известува од Белата куќа. Иако Трамп се пожали пред дебатата дека е пристрасна, потоа ја пофали дека се снаоѓа одлично.

На дебатата имаше околу 200 луѓе на кои им беше измерена температурата пред да влезат и сите мораа да носат маска во текот на целата претседателската дебата.

Доналд Трамп ја отфрли виртуелната дебата на 15 октомври, формат што беше предложен за да се избегне можна инфекција откако претседателот беше заразен со коронавирус.