Малку по полноќ ноќта кон вторникот забележани се волци во стариот дел на Охрид, информираат граѓани за НетПрес, кои испратија и видео материјал.
Според луѓето кои биле сведоци на невообичаената сцена, таа се одиграла на локацијата на паркингот кај месноста Горна Порта. Предходно, како што информираат изворите, едно од животните, кои на снимките потсетуваат на волците, се движело по улицата којашто води до Горна Порта, потоа се упатило во правец на паркингот и непосредно потоа му се придружил уште еден примерок на видот, наводно волк којшто излегол од густата вегетација.
Непознато е што ги привлекло животните, кои вообичаено ги избегнуваат луѓето и нивните населби, во густо населениот дел од градот.
Не е познато засега дека овој незапаметен случај во Охрид е пријавен до надлежните органи.
НетПрес не може да ја утврди автентичноста на видео-материјалот. Не е реткост волци да се симнуваат во урбани средини во остри зими кога во нивните природни живеалишта се прекинува синџирот на исхрана, но досега не се памети да се појават во бучно големо населено место.