ВИДЕО| Вулканската ерупција кај Тонга е најголемата регистрирана некогаш

Научниците објавија дека ерупцијата на подводниот вулкан Хунг-Тонга-Хунга-Ха’апаи, на 65 километри од Нуку’алофе, главниот град на Тонга, еруптираше во јануари произведувајќи го најголемиот облак некогаш забележан.

Новото истражување на Универзитетот Оксфорд, објавено во петокот во научното списание Science, открива дека вулканскиот облак, покрај големото количество пепел и гас, го пробол првиот слој на мезосферата.

Истражувачите откриле дека облакот достигнал височина од 57 километри, шприцувајќи го материјалот низ стратосфераа и директно во мезосферата, која почнува на околу 50 километри над површината над Земјата.

Претходно на највисоко забележано ниво од 40 километри бил облакот создаден по ерупцијата на филипинската планина Пинатубо во 1991 година, додека на второто место беше ерупцијата на Ел Чичон во Мексико во 1982 година со височина на облакот од 31 километар.

Главниот автор на студијата Сајмон Проуд изјави дека ова откритие претставува „исклучителен резултат“, бидејќи истражувачите никогаш претходно не виделе толку висок облак од кој и да е вид.

„Натаму, можноста за процена на височината на начинот на кој тоа го правевме, користејќи ја методата на паралакса, е можна дури сега кога имаме добра сателитска покриеност. Тоа не беше возможно пред десетина година“, додава Проуд.

Вообичаено научниците може да ја мерат височината на облакот проучувајќи ја неговата температура. Меѓутоа, ерупцијата на Тонга биле превисока. Наместо тоа, истражувачите користеле повеќекратни сателитски слики за да ја споредат разликата во височината на облакот.

Коавторот на студијата Ендрју Прата вели дека истражувачите сега се надеваат дека ќе ја применат техниката за мерење и на другите ерупции. Додава дека сакаат да разберат „зошто облакот од Тонга отишол толку високо и какви ќе бидат влијанието врз климата од оваа ерупција“.

Околу 84 отсто од околу 105.000 жители на сите острови на Тонга биле погодени од пепелта предизвикана од ерупцијата и цунамито што следеше, а чиишто бранови достигнале дури и до Алјаска.