ВИДЕО| Захарова: Инцидентите со Северен тек се случија под целосна контрола на САД

Инцидентите со истекувањето на гасот од цевководите Северен тек 1 и 2 се случија во ексклузивните економски зони на Данска и Шведска, кои се целосно контролирани од американските разузнавачки агенции, изјави во четвртокот портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, а Кремљ го коментираше тврдењето на CNN за наводно присутни руски бродови и подморници во подрачјето на инцидентот.

„Во врска со тоа каде што тоа се случи (…) активно се ширеше приказната дека тоа се наводно меѓународни води итн. Тоа е (поморската) ексклузивната економска зона на Данска и Шведска (…) тоа се нато-ценрични земји, кои се натрупани со американско оружје, кои целосно се контролирани од американските разузнавачки служби (…) и целосно ја контролираат ситуацијата таму“, рече Захарова во интервју за каналот „Соловлев“.

Според неа, „жалосни“ се вчерашните обиди на портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер да ги објасни значењето на изјавата на американскиот претседател Џо Бајден за целосно прекинување на руско-германскиот гасен проект Северен тек.

„Синоќа ги гледав и читав обидите за објаснување на портпаролката на Белата куќа, кои освен сожалување, не можат дури да предизвикаат и смеење – туку сочувство и сожалување“, рече Захарова.

Претходно Захарова изјави дека американскиот претседател Бајден е должен да одговори на прашањето дали САД ја реализирал својата закана за Северен тек 2. Таа, исто така, објави видео со изјавата на Бајден од 7-ми февруари во којашто вели дека со Северен тек „конечно ќе биде завршено доколку Русија ја нападна Украина“.

Истиот ден, американската администрација негираше дека Бајден всушност се заканил дека ќе ги уништи двата гасоводи Северен тек. Според портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер од тогаш, Бајден во изјавата наводно ја имал предвид соработката со Германија за замрзнување на проектот Северен тек 2.

Захарова, исто така, ги нарече лажни тврдењата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека нападите врз двата гасовода „не се никому од полза“.

„Смешно е, тоа е лага, кога господин Блинкен вели дека уништувањето на проектот (Северен тек 1 и Северен тек 2) никому не е во корист“, рече Захаров.

Руската дипломатка потсети дека дури и републиканската администрација претходните години „правеше сѐ за да го запре“ проектот Северен тек 2.

„Притоа користеа нелегални методи на политички притисок и уцени, надвор од секој морал, правото и логиката, кога со дипломатските ресурси се вршеше директен притисок врз властите, особено Германија (…) Демократите одеа по друг пат“, додаде Захарова.

Истовремено во четвртокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на новинарско прашање ги оцени како „глупави и пристрасни“ известувањата на американската телевизиска мрежа CNN дека наводно биле забележани руски бродови и подморници во подрачјето на инцидентот на гасоводите, туку дека напротив во тој период се забележани бродови и авиони на НАТО.

„Станува збор за подрачјето на Балтичкото Море, таму се забележани многу летала и пловила кои припаѓаат на земјите од НАТО, така што станува збор, така да кажеме, за целосно глупава и пристрасна вест“, одговори Песков.