Викенд куќите крај Тиквешко езеро добиваат приклучок за вода за пиење

Завршува последната и трета фаза, со која, од сега, населба Брушани ќе биде целосно покриена со водоводна линија, информираа попладнево од кабинетот на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

„По 40 години, граѓаните коишто имаат викендички во населбата, имаат приклучок кон водоводна мрежа, а вкупниот број во трите фази е 550 приклучоци. Вредноста на договорот е 21.901.643 денари од ТАВ програмата, а третата фаза е инвестиција на општината Кавадарци, во износ од 2.299.760,60 денари“, соопштија од кабинетот на Јанчев.

Оттаму појаснија дека од денес започна изградбата на новата водоводна линија од Брушани кон Ресавски залив, кај ресторанот „Луле“.

Тоа значи дека граѓаните и од овој дел на Тиквешкото езеро ќе можат да се приклучат кон водоводната мрежа. Инвестицијата е 3.184.869 денари од општината Кавадарци и 1.800.000 денари од Бирото за регионален развој.

Општина Кавадарци за првпат се впушта во ваква инвестиција, со која и Брушани и Ресавски залив, ќе бидат водоснабдени со вкупно 800 приклучоци, нагласија од кабинетот на Јанчев.