Викендов ќе се одржи „Макфест“

Викендов во Штип, поточно овој петок и сабота (20 и 21 октомври 2023 г.) ќе се одржи 38-то издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2023“. Утревечер ( 20 октомври) во домот на културата „Ацо Шопов“ ќе настапат 13 помалку афирмирани македонски музички имиња или како што еснафот ги нарекува „со помал багаж“ зад себе, но доволно атрактивни со модерни песни кои се очекува да го побудат интересот на публиката, а некои од нив и да станат радиски хитови.

Loading…

Петте кои ќе ја добијата довербата од гласовите на жирито и публиката во салата, ќе го надополнат списокот со учество и во втората фестивалска вечер, закажана за в сабота (21 октомври).

По завршувањето на официјалниот дел на првата вечер во петок (20 октомври) за време на паузата додека трае гласањето на жирито и публиката во домот на културата, на сцената свој настап со сплет изведби на макфестовски теми ќе имаат „Силви бенд“ и Лидија Кочовска, кои и самите се некогашни учесници на „Макфест“, чии фестивалски изведби и песни оставиле траг на македонската музичка сцена и станале македонски евергрини.

Организитарот, општина Штип на чело со градоначалникот Иван Јорданов и главниот координатор на фестивалот, Александар Арсовски заедно со целокупната екипа и тимот кој работеше на подготовките,  за се’ да биде беспрекорно и функционира совршено,  ја подготвија и агендата за двата фестивалски дена.

Во неа точно и прецизно се вткаени саатниците за Прес конференциите, генералните проби, сместувањето на изведувачите и претставниците на медиумите од цела Македонија, кои се очекува годинава во голем број да бидат присутни за следење на фестивалот.

Втората фестивалска вечер е резервирана за попознатите македонски музички имиња, меѓу кои и неколку од најголемите наши поп ѕвезди, кои годинава ќе настапуваат на „Макфест“. На неа покрај 13-те проверените пејачи и групи, ќе ги видими и петте избрани од првата фестивалска вечер, што значи на сцената ќе се појават вкупно 18 изведувачи.  Оваа вечер и годинава како и лани има ревијален карактер, што значи нема да има гласање и да се доделуваат награди за прво, второ, трето… место, зашто заложбите на организаторот се новата концепција на „Макфест“ да донесе што повеќе хитови и песни што ќе останат, без да ги оптоварува изведувачите со трка по награди. Што значи фестивлот да биде еден широк полигон за прва промоција на новите песни на веќе проверените музички ѕвезди, но и помладите имиња кои се помалку имаат простор каде да се презентираат себеси и своите нови остварувања.

Единствената награда која ќе биде доделена е онаа за „Најслушана песна меѓу два фестивала“ која годинава со право ја понесе песната „Бела“ на Пајак и Лара Иванова од минатогодишното издание, која стана регионален хит со фасцинантни над 25 милиони прегледи на Јутјуб. Истата ќе биде изведена и на годинешното макфестовски издание при предавањето на наградата на втората фестивалска вечер, во сабота.

И годинава и двете фестивалски вечери на „Макфест 2023“ ќе бидат директно пренесувани на националниот сервис, на првиот канал на МТВ 1, но и на првата програма на Македонското радио- Радио Скопје.

По завршувањето на фестивалот предвидена и постфестивалска забава и дружење со учесниците и претставниците на медиумите со публиката во еден од елитните штипски локали.