Викторија Трајков на одбележување на 20-годишниот јубилеј на Националниот совет на Македонците во Србија

Заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, ќе ја посети Република Србија по повод одбележувањето на 20-годишниот јубилеј од формирањето на Националниот совет на Македонците во Србија.

Како што денеска информираа од Министерството за европски прашања, настанот ќе се одржи во Нови Сад, град кој претставува симбол на мултиетничност и заедништво.

Најавено е заменик министерката во своето обраќање да ја истакне значајната улога на Националниот совет во зачувувањето на македонскиот јазик, култура и национален идентитет, како и во промовирањето на меѓусебната соработка и почит меѓу македонската заедница и српските граѓани.

Трајков ќе ја пренесе посветеноста на нашата Влада за поддршка на Македонците во дијаспората и ќе изрази благодарност за добрата соработка и поддршка од страна на српските институции во зачувувањето на македонскиот идентитет и културно наследство.

– Оваа посета е уште еден чекор кон зацврстување на добрососедските односи и истакнување на улогата на македонската заедница во Србија како активен чинител во градењето на мостови меѓу двете земји, стои во соопштението.