![vilnus samit nato](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/07/vilnus-samit-nato.jpg?resize=696%2C463&ssl=1)
Вилнус ги пречекува челниците на НАТО со јасна порака дека Украина треба да се приклучи што е можно поскоро, но самитот оваа седмица нема да заврши за забрзано членство, како што би сакал претседателот Володимир Зеленски.
Лидерите на 31 земја на НАТО во вторник и среда ќе учествуваат на самитот на кој една од главните теми е членството на Украина во Северноатлантската воена алијанса.
Украина сака да се приклучи што е можно поскоро, а што беше една од главната причина за руската инвазија во земјата ланскиот февраури, но мислењето за тоа е поделено меѓу членките на НАТО. Источноевропските земји, вклучително и Литванија, поддржуваат брз украински пат, додека западните земји, предводени од САД и Германија, се повнимателни.
Вилнус, сепак, е јасен за тоа: пораки за поддршка има насекаде низ градот. Украинските знамиња висат подеднакво со знамињата на Литванија и НАТО. Сино-жолтите знамиња, сепак, не беа поставени само пригодно низ градот.
„Можеби сега ги има малку повеќе, но луѓето ги закачија на зградите веднаш по почетокот на инвазијата“, вели Хини Грета, млад волонтер ангажиран на самитот.
Додека го чекате автобусот..
Нејзиниот колега, кој не сакал да биде именуван, вели дека литванската поддршка за Украина е силна од почетокот на војната и дека многу Литванци отишле да му помогнат на Киев во борбата против Русите.
„Додека вие го чекате овој автобус, Украина чека да влезе во НАТО“, е пораката во автобусите на јавниот превоз во Вилнус.
На дисплеите, броевите на линиите на кои се движат се менуваат со пораката „Вилнус ја сака Украина“.
Во друг автобус пишува: „Додека вие го чекате овој автобус, Украина го чека Ф-16“, јасно упатување на желбата на Украина да испрати борбени авиони во земјата.
Литванскиот претседател Гитанас Наузеда ја посети Украина на крајот на јуни и таму рече дека „местото на Украина е во НАТО“.
Зеленски во неделата рече дека го очекува „најдобриот можен резултат“ од самитот за неговата земја.
Но, затоа американскиот претседател Џо Бајден беше јасен. „Мислам дека таа не е подготвена да влезе во НАТО“, изјави тој за CNN. „Ние би биле во војна против Русија ако тоа се случи“, рече тој.
„Patriot“-ите го чуваат небото во Вилнус
Сепак, без оглед на тоа што нема да ја добие пораката за забрзан пристап, Киев треба да добие „безбедносни гаранции“ и општо ветување за натамошна помош на самитот.
Ќе се одржи и првиот состанок на Советот НАТО-Украина, еден вид компромис со кој алијансата би ги зајакнала врските со Киев, бидејќи новата платформа треба да ѝ овозможи на Украина поблиску да учествува во работата на НАТО и да биде вклучена во неговиот развој. Се очекува на средбата да присуствува и Зеленски.
Пред пристигнувањето на лидерите на земјите од НАТО, германските противвоздушни системи „Patriot“ беа распоредени на аеродромот во Вилнус, со цевките насочени кон Калининград, руска енклава и кон Белорусија, чија граница е оддалечена само 32 километри од Вилнус.
Шеснаесет членки на НАТО испратија вкупно околу 1.000 војници за заштита на самитот, а неколку земји испратија напредни системи за противвоздушна одбрана.