Вимблдон: Пресврт на Надал за пласман во полуфиналето

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал остана во игра за трофејот на турнирот во Вимблдон откако со 3-6, 7-5, 3-6, 7-5, 7-6 (4) го победи Американецот Тејлор Фриц во четвртфиналето во дуелот кој траеше четири часа и 20 минути.

Надал, кој претходно годинава славеше на Австралија Опен и Ролан Гарос, во средата во мечот со Фриц сигнализираше дека се справува со повреди, но успеа да дојде до победата иако заостануваше со 0-1 и 1-2 во сетовите. Покрај повредата на стапалото, на која се жали од почетокот на турнирот, Надал бараше лекарска помош поради повреда на стомачните мускули, но истрае и направи голем пресврт.

Надал во полуфиналето во петокот ќе игра против Австралиецот Ник Киргиос кој претходно во четвртфиналето го совлада Чилеанецот Кристијан Гарин со 6-4, 6-3, 7-6 (5). За 27-годишниот контроверзен австралиски тенисер ова е најголемиот успех во досегашната кариера, првпат стаса во полуфинале на некој Грен слем турнир, откако во Вимблдон во 2014-та и на Австралија Опен во 2015-та беше запрен во четвртфиналето.

Полуфиналето во вторникот го изборија и Србинот Новак Ѓоковиќ и Британецот Камерон Нори.