Отсекогаш сум сметал дека интегритетот, чесноста, моралноста и доблеста се најважните карактерни особености на човекот. Тие не се дадени или предодредени, туку се стекнуваат во животот. Се стекнуваат со дела – кои зборуваат за човекот – а не зборовите за него oд другите. Цицерон напишал дека „добриот карактер не го прават околностите, туку одлуките“, кој се гради врз начелото „чесноста прво“ (Honestas in primis), бидејќи „единствено доблеста е благородност“ (Virtus sola nobilitas), а „моралноста е силината на човекот“ (Moralitas est virorum fortium).
Притоа, Цицерон ќе констатира дека „не постои поубаво во човечкиот живот од интегритетот“ (Neque enim quicquam in vita hominis pulchrius est quam integritas).
Оттаму, рефлектирајќи го римското поимање дека вистинскиот интегритет во суштина се потврдува и зајакнува во услови на ad-hominem напади, римскиот државник, поет и филозоф, Сенека ќе нагласи дека „доблеста се радува на предизвикот“ (Virtus tentamine gaudet).
Поаѓајќи од овие начела и принципи, кога ја прочитав т.н. „колумна“ објавена во Netpress.mk од Ѓорѓи Илиевски, „Виш просветен инспектор во пензија“, воопшто не се двоумев дали треба да одговорам на предизвикот. Не затоа што текстот заслужува одговор, туку затоа што се изречени крајно паушални и неаргументирани квалификации и лични дисквалификации, со кои покрај личниот напад кон мене, се инволвира и Институтот за национална историја, како и Здружението на историчари на Република Македонија.
Доволно е да се прочита воведната експликација која му послужила како мотив за наводното „истражување“ на дотичниот инспектор за состојбите во „научните институции“. „Истражувањето“, кое како што самиот нагласува, е засновано исклучиво на неговите впечатоци добиени од разговорот со „пензиониран историчар од Институтот за национална историја“, по што следувало „слушањето со други луѓе кои биле дел од него“, како и консултирање на веб страницата на Институтот и интернет. Без притоа инспекторот да почувствува за потребно дека при спроведеното „истражување“ кое се сведува на крајно тенденциозен личен напад, во најмала рака морално и доблесно ќе било да ме „сослуша“ и мене. Етички би било да ги наведе и личностите со кои разговарал. Но, тоа очигледно немало да го постигне ефектот и целта на текстот, а кој се сведува на очаен и безуспешен обид за моја лична дисквалификација. Уште повеќе, притоа се инволвира и националната институција од стратешки интерес за државата.
Затоа сум должен да одговорам!
Немам намера во оваа прилика да навлегувам во мотивите, иако ми се добро познати. Секој читател може да насети дека се работи за напад врз личноста, додека „изворите“ остануваат замаскирани. Мислев дека ваквите методи одамна ги оставивме зад нас.
Евидентната тенденција за маргинализирање на мојата досегашна активност како в.д. директор и директор на Институтот за национална историја од септември 2024 година, се потврдува од занемарувањето на сè што е досега направено. А самиот инспектор, добро знае дека согласно со законските одредби, отчетноста се презентира во годишен извештај, кој се усвојува од Советот на Институтот во февруари секоја година. Но, тој не сочекал да се усвои извештајот, па се впуштил во „истражување“, без притоа да наведе ништо од досега стореното, односно тенденциозно да го исклучи како непостоечко. За него тоа е ирелевантно, бидејќи ги побива сите негови неаргументирани наводи и обвинувања.
Во интерес на јавноста, само накратко ќе наведам, што меѓу другото е направено во мојот едногодишен мандат како в.д. директор и директор. За останатото порачувам да се погледне сајтот, Facebook, како и извештајот кога ќе биде усвоен во февруари 2025 година.
Во отсуство на државно знаме, веднаш пристапив кон поставување на македонското државно знаме во канцеларијата и во надворешниот простор на Институтот.
Во периодот од декември 2023 година до денес, беа склучени повеќе договори/меморандуми за соработка на Институтот, што воопшто не беше практика во изминатата повеќе од деценија. Потпишани се договори/мемрандуми со ДРЖАВНИОТ АРХИВ; МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА САМОСТОЈНОСТ; ПРАВОСЛАВНИОТ БОГОСЛОВСКИ ФАКУЛТЕТ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“, УКИМ; ФИЛОЗОФСКИ ФАКУЛТЕТ, УНИВЕРЗИТЕТОТ КОНСТАНТИН ФИЛОЗОФ ВО НИТРА; УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО ПУЛА И ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРНО И ИСТОРИСКО ИСТРАЖУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛИЗМОТ; ДЕПАРТМЕНТОТ ЗА ИСТОРИЈА ПРИ ФИЛОЗОФСКИОТ ФАКУЛТЕТ, УНИВЕРЗИТЕТ ВО ЗАГРЕБ; ИНСТИТУТОТ ЗА ПОЛИТИЧКИ СТУДИИ ВО БЕЛГРАД; ИСТОРИСКИ ИНСТИТУТ, УНИВЕРЗИТЕТ НА ЦРНА ГОРА; LEIBNIZ INSTITUTE FOR EAST AND SOUTHEAST EUROPEAN STUDIES IN REGENSBURG. Разговарано е за конкретизирање на соработката и со Универзитетите во Харвард, Стенфорд, Флорида, Познањ, Торун, Глазов, Хаифа, Лунд, Аризона и др., како и со високообразовните институции и музеи во земјата.
Со деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, УКИМ беа востановени традиционалните „Кирилометодиевски научни средби“, први од ваков вид во земјата, кои беа реализирани на 24 мај 2024 година во ко-организација на двете институции. Со тоа се воспоставува традиција за годишно организирање на научните средби посветени на светите Кирил и Методиј.
Со Музејот на Крушево и со НУ Центар за култура „Десет дена Крушевска Република“, беше договорено и реализирано обновувањето на традиционалната научна средба во ко-организација на Институтот за национална историја по повод Илинден, прекината пред седум години. Научната средба беше реализирана на 8 август, со наслов „Илинден: Македонскиот национален код“.
Институтот, во ко-организација со МАНУ организираше меѓународна конференција по повод 80 години од АСНОМ и победата над фашизмот, а заедно со Државниот архив, организиравме изложба за АСНОМ и државотворноста. Овие централни научни настани со кои беше одбележан големиот јубилеј за современата македонска државност, беа организирани под почесно покровителство на Премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски.
Институтот организираше и научен собир по повод 80-годишнината од излегувањето на првиот број на весникот „Нова Македонија“ во спомен куќата на Президиумот на АСНОМ во Горно Врановце.
Институтот го организираше и 12-тиот меѓународен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I“, со присуство на педесет еминентни професори и истражувачи од 19 земји во светот и со пленарно предавање на светски познатиот византолог Џонатан Шепард од Универзитетот во Оксфорд.
Институтот беша иницијатор и ко-организатор на Меѓународна научна конференција „Македонците и граѓанската војна во Грција (1946-1949): 75 години потоа“, како и на Тркалезната маса „Академскиот профил на Крсте Мисирков“ (по повод 150-годишнината од раѓањето). Како Институт реализиравме и серија предавања за актуелни историски теми.
Со директорката на семинарот за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Кристина Николовска, договоривме по подолго време да се врати македонската историја во програмата на Семинарот.
Во својство на координатор и модератор, а на иницијатива на директорот на Народната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, Јовица Никчевски, ја возобновивме научната средба посветена на „Св. Климент Охридски“, насловена „Силината на словото на Свети Климент и македонското историско, културно и духовно наследство“ – традиција која беше прекината пред седум години.
Другите активности, дотичниот инспектор ќе може да ги прочита во извештајот, кога ќе биде усвоен и поставен на сајтот на Институтот.
Игнорирајќи ја сета оваа активност која ја реализираше Институтот за само една година од моето раководење, дотичниот инспектор се повикува на неговите „прибрани информации“ за притоа крајно тенденциозно и неосновано да заклучи дека „фактички Институтот за национална историја се наоѓа како во некоја состојба на замрзнатост и реално ништо не се променило откако замина Драги Ѓоргиев“. Доволно било да направи споредба во неговото „истражување“ со активностите реализирани за време на претходниот директор. Но, тоа очигледно не било негова интенција, бидејќи со тоа не би можел да ја постигне посакуваната цел за личен напад, која добива елементи и на напад на самиот Институт.
Притоа, што е уште посериозно, инспекторот ме обвинува дека ништо не сум сторил за проверка на „работењето на Ѓоргиев“, констатирајќи дека „толку често медиумите пишуваа, известуваа за поранешниот директор и наводното противзаконско работење, се шушкавме меѓу себе, а еве веќе една година новиот директор ништо не обелоденил“. Притоа, крајно навредливо алудира дека водам политика „Да не се бранува многу, да си оставиме простор да бидеме подобни за секое време“. Ваквото сосема неосновано и мошне сериозно обвинение кон мене, само ги разобличува вистинските цели и мотиви на текстот и на неговите „соговорници“.
Шекспир ќе каже „вистината е најсилна од сите нешта, а таа сама нема потреба да се брани“.
Поаѓајќи од тоа, мојата интенција не е да бидам обвинител, ниту судија. Исто така, инспекторот добро знае дека годишниот финансиски извештај на Институтот го усвојува Советот на Институтот во проширен состав.
Но, по допрен глас од инспекторот, кој алудира на некакви сознанија за работењето на поранешниот директор Драги Ѓорѓиев, во консултација со правникот, ќе постапам соодветно.
Индикативно е што тој наведува и дека во време на неговото инспекторување тој „самиот се уверил“ дека правните акти на Институтот „биле несоодветни, лоши“. Но, се поставува прашањето што направил во врска со тоа доколку тоа го констатирал како инспектор?
Пред да донесува паушални и тенденциозни заклучоци, доволно било инспекторот да се констултира со мене и ќе му посочев кои правни акти и правилници се донесоа во изминатиот едногодишен период, а кои претходно недостасуваа. Нешто за што јас се залагам и работам интензивно уште од самиот почеток и тоа во услови на немањето на редовно вработен правник во Институтот. Воедно, јавно го поканувам инспекторот да ги изнесе своите наводи и сознанија за правните аспекти кои ги констатирал.
Затоа, пак „инспекторот во пензија“, најавува дека нема да штеди зборови за моето партиципирање во мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, во посебна колумна.
Единствено коректно е неговото цитирање на дел од моето интервју од 2022 година, во кое нагласувам: „…самото прифаќање на концептот „заедничка историја“, кој произлегува од интерпретацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, ја прави работата на комисијата научно невалидна, бидејќи однапред политички ја предодредува „бугарската“ историска карактеризација на личностите од Македонија и нивната соодветна контекстуализација во современието. Притоа, досегашната селецкија на личностите евидентно се прави исклучиво врз основа на поврзаноста со Македонија, а препораките се ставаат во функција на потврдување на едностраниот бугарски поглед на историјата на Македонија, што преку „заедничка историја“ треба да резултира со историска „бугаризација“ на македонскиот народ и на културно-историското наследство на Република Македонија“.
Многупати јавно сум кажал и сега ќе повторам – од ваквиот став не отстапувам и нема да отстапам! Бидејќи за мене интегритетот нема цена.
Впрочем, историјата ќе суди врз основа на стенограмите од состаноците на комисијата. А не врз основа на некакви озборувања на поединци, лични впечатоци и тенденциозни лични напади кон мене. Јас немам никаков проблем со транспарентноста, отчетноста и одговорноста, бидејќи мојата совест е чиста.
“Mine honour is my life; both grow in one: Take honour from me, and my life is done” (Shakespeare, Richard II)
Заборавајќи дека на почетокот најавува дека истражувањето ќе го базира на работата на научните институти, инспекторот продолжува со личните обвинувања за мојата одговорност за замирањето на Здружението на историчари на РМ.
Притоа, како и за Институтот, тој избегнува да „истражи“, односно го игнорира фактот дека ЗИРМ оваа година за првпат по повеќе од една деценија организираше државни натпревари по историја со учество на над 100 ученици. Или, етички и морално ќе било да посочи дека во услови на реално замирање на Институтот и на другите државни институти во изминатите седум години, во периодот на првиот мој мандат како претседател (2021-2023), ЗИРМ организираше научни трибини и тркалезни маси со учество на еминентни академици и професори на теми “Македонската историографија триесет години по независноста: историски соочувања” (МАНУ, 24 септември 2021 г.); „Потребата за промена на учебниците по историја: осовременување или политизирање“ (Филозофски факултет, 27 мај 2021 г); „77 години потоа: Обиди за редефинирање на фашизмот и антифашистичката војна” (18 февруари 2022); „Билатералните протоколи со Бугарија и импликациите за македонската наука и образование“ (МКЦ, 26 октомври 2022 г.). Реакции во јавноста по повод „Заедничкото чествување на Гоце Делчев“, „Најновиот учебник по Историја и општество за V одделение; „Отсуството на Историјата во наставните програми за VI одделение“. ЗИРМ подготви и стручна анализа на Учебник по Историја и општество за V одделение, со над 60 забелешки, на над 30 страници. На барање на МОН, анализата беше испратена во Министерството и врз основа на истата, учебникот беше целосно повлечен од употреба. На тој начин се спречија негативните последици за учениците и за државата и се спречи реализацијата на Концепцијата за основно образование за што ЗИРМ се залагаше од самиот почеток. Воедно, сите трибини и реакции беа пренесувани од најголемиот број на национални телевизии и тоа во ударните термини. На тој начин, ЗИРМ заживеа, по повеќегодишно замирање. А не обратно, како што сака да претстави инспекторот.
Воедно, инспекторот заборава да потенцира дека ЗИРМ покрај претседател, има колективно претседателство од 14 членови и оттаму иницијативноста во работата не зависи само од претседателот.
„Национално свесниот македонски колумнист и човек кој си ја сака и следи историјата“, притоа ме обвинува за „транспарентност во рок од една година нула, почеток на значајни промени во институцијата тапа. Никаков чекор да се справи со евентуално претходно незаконито работење (иако прикривањето значи соучесништво), здружение во колапс“. Намерата за тенденциозно конструирање на претстава во јавноста за мое наводно неработење, се потврдува од фактот што истите обвиненија ги повторува: „Институт замрзнат, здружение замрено, Комисија разработена до небеса“. Тоа само дополнително ја илустрира крајниот мотив и цели на текстот.
На крајот би сакал да му порачам на човекот „со седа коса“ кој бара „сончев зрак наутро“ дека за разлика од неговите и на „впечатоците“ на неговите малкумина „анонимни“ соговорници и „информатори“, Институтот го чека светла иднина, исто како и македонската историска наука, историографија и историското образование.
Како што нагласив и во програмата за работа за периодот 2024-2028 врз основа на која бев избран, Институтот ќе биде стожерот на македонската научната историска продукција околу која се градел и ќе се гради националниот историографски консензус, како и фундаментот на државата во поглед на истражувањето и изучувањето на македонската национална историја и во надградбата на научниот и образовен кадар и потенцијал на државата. Институтот ќе биде и генератор на меѓународното афирмирање на македонската историска наука, како и на националното историско и културно наследство, со што ќе се промовираат и европските вредности и ќе се градат научни и културни мостови со регионот, Европа и светот.
Дали тоа некому му се допаѓа или не, и кому, е друго прашање!
Si rectum non est, ne feceris; si verum non est, ne dixeris! (Marcus Aurelius)
Автор: проф. д-р Митко Б. Панов, Директор на Институт за национална историја