Во вчерашното гостување во емисијата 360 на алсат-м телевизија, одговарајќи на новинарско прашање за поврзаноста на коморбититетите (претходни хронични заболувања) и смртноста на пациентите, др Милена Стевановиќ објасни дека клиничарите кои работат во третманот со пациентите заболени од Ковид-19 се соочуваат со смртност на пациенти кои имаат претходни хронични заболувања, но и релативно млади луѓе без пријавена хронична болест.
„Тоа се пациентите, пред сѐ, со хронични белодробни заболувања, хроничните срцеви болни, ништо помалку пациентите кои имаат покачен крвен притисок, пациентите со дијабетес-посебно оние кои не се добро регулирани и кои веќе имаат компликации од сопствените хронични болести. И обезноста, односно дебелината, е исклучително битна затоа што таа сама посебе ‘отвора врата’“ за низа хронични болести. Дебелината е здравствен проблем кој придонесува и отвора можност за многу болести“, изјави др. Стевановиќ и дополни дека возраста и понатаму останува сериозен ризик фактор.
Стевановиќ додаде дека и покрај сите напори на здравствените работници, и релативно млади луѓе без пријавена хронична болест ја изгубиле битката со ковид-19.
„Не е така мал бројот на хронично болни кои сме ги излекувале. И пациенти во длабока старост, и обезни, и пациенти без еден бубрег и пациенти со сериозни други болести. Но од друга страна, релативно млади луѓе, без пријавена хронична болест, за жал ја изгубија битката со болеста. Апелирам секој еден да ја сфати сериозноста на болеста и секој еден да се придржува до она што постојано го зборуваме, да се придржува до мерките, со цел да го сочуваат своето здравје и здравјето на своето семејство„- изјави Др. Стевановиќ и нагласи дека тука би ги вклучила и децата кои исто така се инфицираат и исто така можат да ја пренесат инфекцијата, иако од досегашното искуство на клиничарите децата имаа брзо опоравување од болеста.
Во контекст на ова, пулмолоалергологот др. Марјан Баловски од ГОБ „8 септември“ потенцираше дека вирусот не штеди никого.
„Секако дека луѓето кои имаат посредни заболувања се поранливи, но дефинитивно вирусот не штеди никого. Јас можам да потврдам од моето практично искуство дека сме имале болни со тешки коморбидни состојби на кои сме успеале да им помогнеме, а сме имале за жал и луѓе кај коишто, буквално, сосем здрави добивајќи го вирусот за неколку дена се случува најлошото. “- изјави Др. Баловски и потенцираше дека најголемата помош од граѓаните за здравствените работници е да ги почитуваат мерките за заштита, маска, дистанца, хигиена и дезинфекција на раце.