Виш инспектор во МВР му даде беса на Заев дека ќе победат (ВИДЕО)

Речиси од самиот старт на претседателската изборна кампања, во јавноста се наметнува двојната улога на владините функционери и министри, кои всушност треба да се држат во рамките на својот мандат, како претставници на сите граѓани на земјава, а од друга страна, тие даваат јавна поддршка на политички митинзи.

Ова во секој случај покренува една моралната дилема, бидејќи ако ништо друго, државните службеници и да не кршат никакви законски регулативи, сепак од етички аспект, тие се во служба на сите граѓани, а не само за оние кои ги гласале.

Особено предизвикува внимание, однесувањето на полициските службеници, за време на полиитчките собири за претседателските избори. Иако, министерот Оливер Спасовски досега неколку пати јасно посочуваше дека e забрането учество на полициските службеници во политичка пропаганда за било која од политичките партии, очигледно дека неговиот јавно изнесен став, не допре до полициските структури.

Можеби бидејќи ниту тој не ја сфати сериозно својата јавно дадена изјава, па лично  му даваше поддршка на претседателскиот кандидат на неговата партија, Стево Пендаровски. А, истото го правеше и премиерот Зоран Заев и речиси сите други високи владини функционери и министри.

Никој припадник на полициските службеници не смее да се вклучува во политички кампањи и не смее да се злоупотребуваат ниту човечки ресурси ниту материјално технички средства за претстојната изборна кампања на било која од политичките партии, изјави Спасовски.

Дека воопшто не е така како што неколку пати изјавуваше Спасовски, говори и последниот случај, во кои висок функционер во МВР, му дава јавна поддршка на Пендаровски, на вчерашната трибина организирана по повод вториот круг од претседателските избори. Овој граѓанин кој се претстави како Албанец од Чаир и му ја вети на Заев поддршката од Албанците, е виш инспектор во одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција во МВР.

„Премиере, кај нас Албанците има еден збор кој се вика Беса. Ти давам Беса дека на 5-ти мај ќе победиме, не те оставаме сам, ти си иконата наша. Заедно ќе победиме и на следните парламентарни избори”, беше пораката од полицискиот службеник.

Според законот, полицискиот службеник не смее да основа, да раководи и да биде член на раководство на политичка партија. Полицискиот службеник со членувањето во политичка партија и со учество во нејзините активности не смее да го доведува во прашање непристрасното и законито вршење на полициските работи. Не смее да носи или да истакнува партиски симболи во просториите и службените возила на полицијата, партиски да се организира или дејствува во Министерството. Полициските службеници не смеат во униформа на Полицијата да присуствуваат на партиски активности и манифестации…

Иако, како дел приоритетните цели на МВР за оваа година е департизација и деполитизација на вработените, со досегашните активности кои се видливи особено на политичките митинзи, министерството не остава впечаток дека навистина се залага за професионализам и јакнење на интегритетот на својот кадар.