Висар Ганиу од ДУИ е нов градоначалник на Чаир

Висар Ганиу од ДУИ и официјално е новиот градоначалник на Чаир, откако во неделата во повторениот вотр круг од локалните избори освоил повеќе гласови од противкандидатот од БЕСА, Зеќирија Ибрахими

Новиот градоначалник на Чаир доби поголема поддршка на избирачкото место 2901, каде правото на глас го искористиле 272 гласачи, иако во избирачкиот спсок се запишани 719 граѓани. Разликата меѓу Ганиу и Ибрахими на ова гласачко место е 79 гласа во полза на кандидатот на ДУИ, за разлика од вториот круг, кога разликата беше 66 гласа.

Кандидатот за градоначалник на ДУИ во Чаир, Висар Ганиу на прес-конференција по прегласувањето рече дека има заслужена победа и вети дека ќе биде градоначалник за сите граѓани.

„Висар Ганиу ќе биде отворен со сите и во иднина ќе работиме заедно да ја предвижиме нашата општина кон вистинскиот пат“, рече.

Шефот на изборниот штаб на ДУИ во Чаир, Бујар Османи, му ја честиташе победата на Ганиу потенцирајќи дека „со тоа покажавме дека сме пример за тоа како да направиме достоинствена кампања и да го вратиме резултатот”.

„ Излеговме со најдобар можен кандидат во Чаир, најсериозна програма и ова граѓаните го препознале и процениле“, додаде Османи, повикувајќи ги сите насобрани граѓани на мирен и достоинствен начин да го завршат овој изборен ден.

Претходно од БЕСА обвинија за заплашување, нефер и недемократски услови на прегласувањето и велат дека им е украдена победата. Кандидатот за градоначалник на Чаир, Зеќирија Ибрахими, сепак, ја честиташе победата на како што рече, кандидатот на СДСМ за општината.

 

Вкупната разлика во Чаир сега е 347 гласа во полза на Ганиу за кого гласале 13.987 гласачи. За Ибрахими, пак, гласале 13.641 жител на Чаир. По прегласувањето, ДУИ и официјално ќе раководи со десет општини, а БЕСА останува со само еден градоначалник.