-Со масовното иселување на населението надвор од земјата, се појавува т.н. вишок на наставници иако лично сметам дека наставник не може да биде вишок. Треба само да ги направиме функционални. Затоа Владата уште во предизборната програма направи цела стратегија како наставниците да ги направиме функционални за да останат во образовниот процес, изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање.
Таа појасни дека Стратегијата е едносменското работење, подолгиот престој на учениците и на наставниците во училиштата и целодневната настава, која се покажала како многу ефикасна во повеќе земји.
-Кога ќе направиме нормални паралелки, не паралелки од по 10 или 15 ученици, туку кога ќе ги сведеме на 20 ученици, наставникот што е вишок ќе продолжи да работи во втората половина на денот според програмата на училиштата која опфаќа многу додатни предмети, изборни предмети, вон-наставни активности, работа со деца со потешкотии во учење, работа со талентирани деца, дополнителна настава, општествено корисни работи. Идејата е дека целиот фонд на наставници треба да го искористиме за учениците да стекнуваат подобри знаења, нагласи Јаневска пред почетокот на настанот посветен на „Образование водено од реалните потреби на учениците – паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктура“, што ќе се одржи денеска во организација на Здружение за истражување и анализи, ЗМАИ.
Дополнително, рече таа, познато е дека одредени институции во државата имаат слаби човечки капацитети, тоа се Бирото за развој на образованието (БРО), Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Центарот за средно стручно образование и обука кои имаат потреба од искусни луѓе.
-Ќе им понудиме на наставниците, откако ќе направиме мали измени во законите, да се префрлат во овие институции за да можат да дадат свој импакт на образованието, односно да го пренесат своето искуство и знаење на оние наставници на кои им требаат обуки и помош. Процесот е огромен, комплициран, но заедно со нашите странски партнери имаме енергија и волја да направиме нешто за да се подобри целокупното образование на нашите ученици. Оптимизацијата, формулата за финансирање, инфраструктурните промени се дел од овој процес, изјави Јаневска.
На новинарско прашање како ќе функционира приемот на студентите бидејќи се реновираат студентските домови, Јаневска појасни дека вчера била објавена листата, а претседателот на Студентскиот сојуз е во постојана комуникација со министерството.
-Она што им го понудивме на студентите е да ги користиме капацитетите на ученичките домови кои не се пополнети. Да, субстандардни беа условите на живеење во студентските домови, рече Јаневска и порача дека сите оние што ги исполнуваат условите ќе бидат сместени во студентски домови и во празните ученички домови.