Високи американски функционери пристигнуваат во понеделник во регионот каде што се случува егзодусот на ерменското население од Нагорно-Карабах по победата на Азербејџан и ерменскиот пораз за кој Москва негира одговорност кој прозападната ерменска власт во Ереван се обидува да ѝ ја припише.
Владата во Ереван соопшти дека најмалку 4.850 луѓе влегле во Ерменија до понеделник напладне од Нагорно Карабах, меѓународно признат дел од Азербејџан исротиски со мнозинско ерменско население кое морало да ги прифати условите за прекин на огнот на Азербејџан по неговата молскавична 24-часовна воена акција.
Претседателката на американската агенција за меѓународен развој Саманта Пауер и помошникот државен секретар за евроазиски прашања Јури Ким пристигнуваат во Ерменија како први високи американски функционери по постигнувањето на примирјето на 20 септември.
Пауер ќе се сретне со владини претставници и ќе ја „потврди американската поддршка за ерменската демократија, суверенитет, независност и територијален интегритет и ќе разговара за хуманитарните потреби на ситуацијата во Нагорно-Карабах“, рече американски претставник.
„Тие ќе изразат длабока загриженост за ерменското население во Нагорно-Карабах и ќе разговараат за мерките за решавање на хуманитарната криза. САД повикуваат на непречен пристап на хуманитарните организации“, рече претставникот.
Илјадници ерменски жители на Карабах останаа без храна. Ерменските власти во регионот во саботата доцна навечер соопштија дека во регионот пристигнале околу 150 тони хуманитарна помош од Русија и уште 65 тони брашно испратено од Меѓународниот Црвен крст.
Карабах е управуван од администрацијата на ерменските сепаратистички власти од раните 1990-ти по распадот на Советскиот сојуз и војната водена меѓу двете земји. Русија беше застапник на интересите на Ерменија, но последните години властите во Ереван сѐ повеќе изразуваа склоноста да соработуваат со САД и Фрранција, во обидите да се оддалечат од Москва.
Во 2020 година, по една деценија конфликт, Азербејџан со поддршка на Турција, победи во втората војна во Нагорно-Карабах, која траеше 44 дена, и успеа да воспостави свое владеење. Таа втора војна заврши со прекин на огнот со посредство на Русија, но Ерменија ја обвинува Москва дека не ја исполнува својата задача како гарант на мирот, иако Ереван во договорот потпишан пред две години го призна Нагорно Карабах како дел од Азербејџан.
Во понеделникот Русија уште еднаш ги отфрли обидите на Ереван да го обвини за ситуацијата во Карабах, како реакција на протестите против актуелните ерменски власти.
„Русија ја смета Ерменија за сојузник и е во контакт со владата во Ереван, но ги отфрла нејзините обиди да ја обвини Москва за ситуацијата во Карабах“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков и устакна дека Русија ќе се погрижи да се почитуваат правата на етничките Ерменци во Карабах.