Високи казни за наводните организатори на „27 април“ – Вељаноски 6 ипол години, Ристоски и Јанакеиски по 6 години и 3 месеци

Трајко Вељаноски, поранешниот претседател на Собранието, е осуден на 6 ипол години затвор, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески на затворски казни од 6 години и 3 месеци, а Владимир Атанасовски, поранешен директор на УБК, доби 6 години затвор, откако судот ги огласи за виновни за организирање на настаните во Собранието на 27 април 2017 година.

Тие се осудени дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”. Според судот, обвинетите со намера организирале план за да спречат мирно предавање на власта во 2017 година.

– Државата се брани со срце и со ум, со државни потези, а не со насилно влегување во парламентот и со тепање пратеници. Ако ме прашате дали бил загрозен уставниот поредок, да, беше загрозен – рече судијата Илија Трпков и додаде дека во текот на судењето немало никакви забелешки за водење на постапката, ниту од страна на одбраната, ниту од обвинитеството, а судечкиот совет по една година и шест месеци ја донесе пресудата.

Обвинителството побара осудените веднаш да бидат ставени зад решетки, на што осудениот Миле Јанакиески остро реагираше.

Застапник на обвинението во овој судски предмет е Вилма Русковска. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, обвинетите имале план и знаеле точно што прават. Според обвинителката Русковска, тие дејствувале со единствена цел да се спречи формирање на влада од веќе обезбеденото парламентарно мнозинство.

Судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието почна на 21 февруари 2020 година. Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, кои исто така се обвинети, но се недостапни за органите на прогонот.